Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Силвија Митевска

Таа есен, секоја вечер имаше протести. Главните улици беа преполни со илјадници лица што сплотено се држеа за раце, чекорејќи низ осветлените улици. До доцна во ноќта, градот одекнуваше од музиката од касетофоните и песните што се пееја во еден глас.

Кучката Луси беше најпознатиот борец од сите. Секоја вечер, од своето маало се спушташе долу, на плоштадот, каде што се собираа соборците. Не пропушташе ниту еден протест. Набргу стана заштитен знак на револуцијата. Се прослави прекуноќ. Нејзината посветеност на каузата за правдина прва ја објави странска телевизија. Беше тоа импозантна фотографија – судир помеѓу револуционерите што држеа големи транспаренти во рацете и кордонот на специјалната полиција заштитен од главата до петиците. Луси стоеше точно на средината. Во нејзините мили очи имаше некоја необична храброст и дрскост. Луси без страв им пркосеше на полицајците во униформа. Не се помрдна ниту кога празниот простор се стеснуваше и кога пендреците се кренаа во воздух. Остана да стои непоколебливо на своето место. На чело на револуцијата.

Крсте беше газда на славната Луси. И тој заедно со неа прекуноќ се прослави. Навечер протестираше, а прекуден даваше интервјуа и се фотографираше. Секој новинар сакаше да поразговара со него. Го прашуваа секакви прашања – кое ѝ е омилено јадење на Луси, од кого ја наследила оваа храброст, дали е свесен дека таа не е како другите кучиња, дали отсекогаш била посебна и уште многу други потпрашања. Му честитаа на воспитувањето и на љубовта со која ја опсипува. На почетокот и на крајот од секој протест, Крсте се качуваше на импровизираната бина, носејќи ја во раце Луси. Ја прегрнуваше околу вратот, додека толпата околу него громогласно ракоплескаше. Тие беа гордоста, хероите на револуцијата. Таква беше и фотографијата на насловната страница на најпознатиот европски весник – Крсте и Луси во цврста, нераскинлива прегратка.

Кога есента полека премина во зима и кога стигнаа минусни температури, протестите почнаа да стивнуваат. Соборците се ретчеа и од илјадници останаа стотици. По првиот снег, на плоштадот се преброија – беа десетина. Крсте и Луси беа меѓу нив. Една приквечер, кога се симнаа на плоштадот, тој беше пуст и обвиен во сивило. Немаше ниту еден од нивните другари. Прошетаа безволно низ уличките и смрзнати се вратија дома.

Вечерите им станаа исклучително долги и досадни. Живееја сами во куќата. Немаше со кого збор да разменат. Исчезнаа и сите новинари, фоторепортери и познаници што го тапкаа по рамото и на секој протест го величаа. Во загадениот воздух испарија и срдечните насмевки, намигнувањата и додворувањата од девојките, галењето по разголените вратови во полузатемнетите влезови по должината на револуционерската улица. Немаше повеќе шаренило од бои. Седеа со Луси еден спроти друг, немо зјапајќи во белиот изронет ѕид. Одамна ја немаше прегрнато ниту, пак, погалено. Црното крзно што ѝ светеше под рефлекторите на камерите сега не беше воопшто мазно и привлечно. Од очите не ѝ зрачеше повеќе храброст, сега тие беа некако виснати и погледот ѝ беше тап, како на некој глупав ученик што не разбира ништо на часот по математика. Ниту, пак, ставот ѝ беше бестрашен и победнички. Одеше тромаво, со пропаднат чекор. Ја загледа повторно – да, таа беше една обична џукела. Никаква хероина. Ништо повеќе од џукела.

Зимата како да немаше крај. Градот едвај живуркаше и секој ден сѐ повеќе тонеше во магла.Тој почна сѐ повеќе да пие од бурето ракија, прелистувајќи ги одново весниците со неговите интервјуа. И таа вечер, по неколку испиени ракии и испушени кутии цигари, се струполи на троседот во дневната соба. Во рака ја држеше врамената фотографија од славното време, кога беше прочуен јунак. И додека тонеше во сон, Луси одеднаш толку силно залаја, што тој панично скокна на нозе. Од раката му се испушти рамката, која тресна на подот и се скрши на ситни парчиња стакло. Ја погледна намуртено, а таа само му го заврте грбот и седна врз перничето како ништо да не се случило. Полупијан, изгуби рамнотежа и со босото стапало стапна врз едно поголемо парче стакло. Вресна од болка кога се расече длабоко. Стана уште повеќе лут на Луси. Се тресеше од бес кон неа, а стапалото му крвавеше и набргу ја натопи во црвена боја нивната заедничка фотографија. Избледеа сите убави спомени со неа. Остана само горчливиот вкус на поранешната слава, која исчезна со првиот снег.
Со забоденото стакло во месо, ја дофати додека таа опуштено лежеше на подот. Ја зграпчи околу вратот и побудалено почна да ја врти околу себе. Таа не сфаќаше што се случува сѐ додека во најголемата брзина не ја пушти од раце и таа тресна врз столот до масата. Заквиче силно, но не успеа да се спаси од раката на својот господар. Ја удираше крвнички по целото тело, по нозете, и по муцката и по мевот. Таа се тетеравеше и се буткаше од него, обидувајќи се да побегне, но по секој удар стануваше сѐ послаба. На крајот остана да лежи пред него, додека тој сѐ уште ѝ ги забодуваше тупаниците по омалаксаното тело. Набргу, неговата и нејзината крв се измешаа. Подот стана црвен, како марамата што прекунос ја носеше на протестите. Кога сосема се отрезни го закопа нејзиното тело во задниот двор и продолжи да самува во долгите и мрачни ноќи.

Еден ладникав но сончев ден му заѕвони телефонот. Го препозна гласот на еден од организаторите. „Протестите продолжуваат. Сите ќе излеземе. Те чекаме вечер“, му порача. Кога ги чу тие зборови, почувствува пламтеж во градите. Го преплавија невидена среќа и возбуда. Едвај дочека да се стемни, си ја облече карираната кошула, одозгора црната тренерка, го зеде и свирчето, а на картонот со големи букви испиша „За криминалци, затвор“.

Кога се симна на плоштадот, сите срдечно се поздравија со него, потчукнувајќи го по рамото. Девојките повторно му намигнуваа и го прегрнуваа, извикувајќи дека сѐ уште е нивен херој. Младото момче со рака го канеше да му се придружи на бината. Самоуверено се упати кон него, ги искачи скалите и застана на истото место на кое стоеше минатата есен. Слушна громогласен аплауз и свиркање, како ништо да не се променило. И токму пред да почне со својот инспиративен говор, соборецот се заврте кон него и зачудено го праша: „А, Луси каде е?“ Запреа свиркањето и аплаудирањето. Настана тишина и сите немо зјапаа во него. Ги мачеше истото прашање. Каде е Луси? Момчето, наместо да му го подаде микрофонот и да му го отстапи местото за говор, остана да стои, чекајќи го одговорот.

И тамам кога сакаше да прозбори, некој од последните редови на цел глас извика: „Еве ја Луси. Пристигна. Направете место да помине“. Луѓето вчас се поместија налево и надесно, а тој ја здогледа црната кучка што му се доближуваше. Се качи на бината и застана до неговите нозе. Толпата извикуваше во транс: „Луси, Луси, Лусиии“. Новинарите ги подадоа главите и фотоапаратите повторно почнаа да блескаат.

– Земи ја во рацете – му довикнаа. – Прегрни ја!

Целото тело му се згрчи, не можеше да се помрдне од место. Ја подголтна плунката што му се насобра во устата и едвај собра сила да се заврти кон неа.