Еден од главните приоритети на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен е иницијативата за јакнење на европската демократија. За да го зацврсти демократскиот легитимитет, таа мора да се осигури дека ЕУ ќе ги исполнува очекувањата на граѓаните и дека комисијата ќе има конструктивна соработка со Европскиот парламент

Даниела Шварцер

Кога Жан Клод Јункер стана претседател на Европската комисија пред пет години, тој се соочи со сериозни предизвици. Но тестот со кој се соочува неговата наследничка, Урсула фон дер Лејен, е уште посложен.
Како што истакна Фон дер Лејен во нејзината „агенда за Европа“, еден од нејзините главни приоритети мора да биде новата иницијатива за јакнење на европската демократија. Таа може да го зајакне демократскиот легитимитет на Европската Унија на два начина: прво, уверувајќи ги граѓаните дека ЕУ испорачува резултати и ги исполнува очекувањата во време на брзи промени и ескалации на надворешните предизвици и, второ, поттикнувајќи конструктивната соработка со Европскиот парламент. Сепак, денес, Европскиот парламент е многу фрагментиран и поларизиран, па затоа тешко може да се изгради стабилна, проевропска коалиција. За да може да предлага и да осигури усвојување на легислативата, Фон дер Лејен мора да обезбеди поддршка од конзервативците и од социјалдемократите, како и робусни и продуктивни работни односи со зелените и со либералите. Таа веројатно ќе мора да формира флексибилни коалиции во специфични области, кои ќе одземаат многу време и ќе го зголемуваат ризикот од политички неуспех за спорните прашања.

По неодамнешните избори, првпат во историјата на Европскиот парламент, проевропските фракции – конзервативната Европска народна партија, социјалдемократите, зелените и либералите – се состанаа за да создадат меѓупартиска политичка програма. Но процесот беше запрен, бидејќи парламентот не можеше да договори свој кандидат за претседател на Европската комисија, а четиристраниот „коалициски договор“ повеќе не е на маса. Сепак, Фон дер Лејен треба да го вклучи парламентот политички колку што може повеќе, почнувајќи со приоритетите вклучени во писмата за мисијата што им ги испрати на комесарите. Овие приоритети треба да бидат формирани преку дискусиите со новоизбраните претседатели на парламентарните групи.
Зајакнувањето на конструктивната соработка со Европскиот парламент ќе бара кредибилно спроведување на де факто – правото на иницијатива на парламентот, редовен дијалог со претседателот и трајна посветеност на секој еврокомесар. Фон дер Лејен мора да може да се потпре на својот тим за да ѝ помогне да се снаоѓа во сложеното политичко опкружување, не само во парламентот туку и во Европскиот совет, како и да ги води нејзините напори за вклучување на европската јавност во дебата за иднината на ЕУ.

Ова е причината зошто Фон дер Лејен мора да се осигури дека при кроењето на портфолијата на комесарите, меѓуинституционалните односи ќе добијат доволна тежина. Во претходниот состав на комисијата, потпретседателот Франс Тимерманс се справуваше со таквите односи како дел од неговото огромно портфолио. Во новата комисија, меѓуинституционалните односи – заедно со демократизацијата – треба да формираат целосно портфолио на еврокомесарот.

Задачата на тој комесар би била многу важна и затоа треба да ја преземе искусен креатор на политики – идеално, некој што работел на национално и на европско ниво, во Европскиот парламент и со Советот. Со оглед на партиската припадност на Фон дер Лејен, добар избор би бил некој социјалдемократ, иако кој и да биде избран ќе треба да работи на натпартиско ниво (за функцијата е предложен социјалдемократот Марош Шефчович од Словачка). Работејќи директно со Фон дер Лејен и потпретседателите на комисијата, овој комесар треба да управува со севкупните односи со Европскиот парламент и со Советот за општи работи, истовремено помагајќи да се координираат интеракциите на секој поединечен комесар со парламентот. Ова портфолио би вклучувало подготовка на годишни и повеќегодишни програми на комисијата и особено нејзина заедничка декларација со парламентот за годишни законодавни приоритети.

Дополнително, имајќи го предвид недостигот од специјализација во политиките на ова портфолио, овој комесар би можел да ја поддржува Фон дер Лејен во постапувањето кон особено итни, контроверзни или на друг начин деликатни прашања – како имиграцијата или реформите на еврозоната – за кои е потребен дополнителен политички напор за да се овозможи напредок. Таквиот комесар исто така може да осигури дека дејствата во внатрешните и во надворешните области – од заедничката надворешна и безбедносна политика до ангажманот со поширокото соседство на Европа – се кохерентни. Конечно, овој комесар би имал важна улога во помагањето во спроведувањето на еден од приоритетите што Фон дер Лејен го истакна во својата агенда – конференција за иднината на Европа, која треба да даде резултати уште следното лето. Овој амбициозен потфат – во кој јавноста, граѓанското општество и европските институции ќе учествуваат на еднаква основа – ќе бара внимателна подготовка и управување, не само затоа што Фон дер Лејен сака Европскиот парламент, Советот и комисијата заеднички однапред да ги дефинираат своите цели.

Во оваа и во другите области, влоговите се повисоки и за комисијата и за парламентот отколку што беа за време на претходниот мандат. Доставувањето опипливи резултати што ги бараат граѓаните, ќе бара од водачите да ги совладаат брзоменувачките услови за креирање политики, кои се карактеризираат со зголемен внатрешен скептицизам во ЕУ и со засилување на надворешниот притисок, вклучувајќи и со мешање од надворешни актери како Кина. Трансформативните технолошки промени и монументалните закани, како климатските промени, само го зголемуваат предизвикот. Во овој контекст, Европската комисија и парламентот треба да бидат помотивирани од кога било досега и постојано да соработуваат. Ова треба да вклучува годишни прегледи на приоритетите на комисијата, во соработка со парламентот, за да се процени напредокот и да се идентификуваат неопходните активности.

Таквиот процес е уште поважен во период кога владите на земјите-членки на ЕУ го губат трпението со наднационалното одлучување. Ако институциите на ЕУ не се докажат, владите на земјите-членки може да паднат во искушение да ги заобиколат и да соработуваат во помали групи, заради поголема ефикасност.
Обезбедувањето ефикасна соработка со фрагментиран Европски парламент нема да биде лесно. Но можно е, особено со комисија што става најголем приоритет на тоа, истовремено зајакнувајќи го својот легитимитет со водење широка јавна дебата за иднината на Европа. Тоа е комисијата што Фон дер Лејен мора да ја изгради.

Авторката е директорка на Германскиот совет за надворешни односи (ДГАП)