Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Обѕрни се во гнев“ во режија на Kристина Димитрова утре гостува на Фестивалот на малите театарски форми во Враца, Бугарија. Ова е еден од најстарите театарски фестивали во Бугарија, со долгогодишна историја. Автор на текстот е Џон Озборн, а режијата е на Кристина Димитрова. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, музиката на Дарија Андовска. Играат: Димитар Ѓорѓиевски, Катарина Чакмакоска-Клинческа, Илија Волчески, Даниела Иваноска.

Џон Озборн верува дека театарот треба да се базира на чувствата и животот на луѓето. Поради тоа, најмногу се занимава со оној вид театар што нуди витална, емоционална динамика, театар што навлегува низ класните бариери и сите препреки поставени кон патот на чувствата. Убеден е дека ни требаат нови театарски чувства, како што ни треба и нов театарски јазик.

„Обѕрни се во гневот“ ја отсликува побуната на младата несфатена повоена генерација, против генерацијата на нивните родители, кои го довеле општеството до пропаѓање во морална и во финансиска смисла. Се работи за побуна против светот во кој владеат материјалните вредности, лицемерството на општеството кон луѓето што се борат за својот напредок а не добиваат ништо, за безволноста, за човечкиот гнев, осаменоста… Текстот се поставува по точно 60 години од неговата прва изведба, a темите што ги обработува, денес се исто толку актуелни како во времето кога е напишан.