На сите не се случува одвреме-навреме да посакаме да внесеме некаква промена во домот, бидејќи работите што нѐ опкружуваат со текот на време ни стануваат здодевни и почнуваат да нѐ задушуваат. Со оглед на тоа што за таквата промена ќе ни треба одредена сума пари, ретко се одлучуваме да се впуштиме во такво нешто. Меѓутоа постојат голем број трикови и идеи со кои можете да направите големи промени во вашиот дом, а за тоа да не потрошите ни денар.

 

1. Ако во визбата или на таванот имате останато некаква боја од претходните акции во домот и која само ви зазема драгоцено место, искористете ја за некоја нова намена. На пример, освежете ги трпезариската маса и столовите, бојадисајте ги оградата на скалите или рамката на огледалото. Доколку имате некоја јака и светла боја не плашете се да ги искористите, со нив ќе добиете несекојдневен ефект на нештата.

2. Старите парчиња текстил и завеси, кои со години не ви служат за ништо, но сепак не сакате да ги исфрлите, искористете ги и направете нови навлаки за перниците, чаршаф за трпезариската маса или крпи. Креирајте прекривки за каучот, фотелјата или троседот користејќи комбинација на повеќе различни материјали со сличен дезен и боја. Но внимавајте боите на материјалите да се складни со остатокот од вашиот мебел во домот.


3. Старите фотографии што ви стојат во фиоките можете да ги искористите за создавање личен декор. Одберете неколку што ви се најубави, ставете ги во рамки и распоредете ги низ домот. На полиците, на прозорските рамки, на малата масичка во ќошот од собата…

4. Направете нов распоред на мебелот. Ако немате можност да купите нов, тогаш разместете го постојниот. Понекогаш старата фотелја може да изгледа сосема поинаку во другиот агол од собата. Размислете и за префрлање на мебелот од една во друга соба.

5. Рачките на фиоките, вратите и кујнските елементи, едноставно можете да ги освежите и да им дадете нов изглед. Украсите со декоративни ленти или, пак, премачкајте ги со лак за нокти, така ќе добиете ретроамбиент што ќе дише со женственост.

6. Спалната соба можете да ја освежите само во еден чекор, така што преку креветот ќе ставите некоја убава прекривка. Краевите од прекривката пришијте ги со конец, за таа да не се разместува и уживајте во новата спална соба.

7. Старите стаклени шишиња од вино или од некој друг пијалак не фрлајте ги. Со ситна декорација на нивната надворешност можат да послужат како вазни за цвеќе со кои ќе акцентирате одреден дел од вашиот дом.

8. Платнените и плетените корпи искористете ги како организатори за весниците, книгите и другите ситници во домот. Доколку немате убави корпи истите можете и да си ги направите од картонски кутии кои ќе ги обложите со некоја убава ткаенина или ќе ги намотате со јаже.

9. Радијаторите, печката на дрва или шпоретот, кои не ги користите во летните денови, претворете ги во полици на кои ќе ставите декоративни рамки со слики, саксии или вази со цвеќе или некој друг интересен и впечатлив декор.

10. Доколку имате цветна градина во дворот, задолжително направете си по еден цветен аранжман за секоја просторија во домот. Така, покрај убавиот и свеж изглед, во вашиот дом ќе внесете и мирисна свежина.

11. За бањата да ви изгледаат посвежо и поведро, користете шарени крпи и бањарки во јаки и светли бои. Само со таа ситна промена ќе имате чувство дека влегувате во нова бања.

12. Шпајзот ќе добие сосема нов изглед доколку само ги обоите или ги обложите со стар тапет полиците во него. На тој начин ќе си го олесните чистењето и ќе си создадете нежен и пријатен изглед и на тој скриен дел од домот.