„Танц-фест“ вечерва, во 20 часот, во МНТ ќе ја започне програмата во „Годината на танцот“, со предотворање на музика на „Крафтверк“ и учество на деведесет деца од танцовите студио „Брејк д флор“ од Штип, под раководство на Ева Пејова, „Еурека“ од Скопје, чиј уметнички директор е Катерина Јолакоска, „Фјужн“ од Куманово, чиј уметнички директор е Бојана Додевска и „Рисимкин истражувачки центар – РИЦ“ од Скопје – уметнички координатор е Матеа Киселичка. По настапот на децата, ќе му биде доделена наградата за врвни остварувања во областа на танцот „Менада“ на извонредниот француски уметник Дидие Дешан.

Првиот дел на програмата ќе започне со настапот на прекрасната словенечка танчарка Росана Хрибар, во соло-танцот „Орландина“ на Танцовиот театар од Љубљана, Словенија, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин. Претставата имаше своја премиера на сцената на Танцовиот театар во Љубљана на 23 март и беше одлично оценета од тамошната критика, која уметничкиот спој помеѓу Росана Хрибар и Рисима Рисимкин го нарече „врвен уметнички тандем“. Дизајнот за претставата го направи извонредниот костимограф Алан Хранитељ, кој има светска кариера. Музиката е на македонскиот композитор Тони Китановски. „Орландина“ е претстава посветена на Росана Хрибар и времето. Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, претставата „Орландина“, така насловена од кореографката, е интимна приказна на танчар, раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар. Росна Хрибар е една од најзначајните и најпознати танчарки на словенечката современа танцова сцена од 1970 години наваму.

Се школува на Танцовата академија во Љубљана, магистрира со „Уметноста на движењата“ на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана. Во изминатите две декади соработува како танчарка и кореографка речиси со сите значајни словенечки кореографи, театарски режисери и различни современи танцови ансамбли, во Словенија и во странство. Рисима Рисимкин е кореографка, уметничка директорка на „Танц-фест“ и на „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Основачка е на „Интерарт културниот центар“ (1996), преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Во периодот од 2005 до 2013 година е членка на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2103 година, Рисимкин е уметничка директорка на Националниот балет на Анталија, Турција. Членка е на бордот на танцовата унија помеѓу Кина и земјите на Југоисточна и Централна Европа.

Како кореографка ја претставува Македонија на меѓународната танцова сцена со свои претстави, кои се изведуваат на престижни сцени и фестивали во Европа, Кина и во Америка. Во вториот дел на вечерта публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Д.О.Л.“ на младата кореографка Адријана Данчевска, со која ќе се одбележат седум години постоење на „Скопје танцовиот театар“. Данчевска за претставата вели дека е трансформација на изграден профил. Во претставата настапуваат танчарите на „Скопје танцовиот театар“: Матеа Киселичка, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Јакуб Мунко, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески и Тереза Лазарев. Музиката за претставата ја направи Александар Гроздановски-Херцел.