Претседателот на Либерија и некогашен најдобар светски фудбалер во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џорџ Веа, на 51-годишна возраст одигра меч за репрезентацијата на Либерија, јави Би-би-си. Тој играше 79 минути во поразот од Нигерија со 1-2 во Монровија. Натпреварот беше организиран во чест на повлекувањето од употреба на дресот со бројот 14, кој го носеше Веа додека беше активен фудбалер.

Веа стана претседател на Либерија во јануари годинава. Во фудбалската кариера тој најмногу играше за Монако (освои Куп на Франција), Пари сен Жермен (една титула и два купа на Франција) и за Милан (две титули во Италија), а во Европа настапуваше и за Челси, Манчестер сити, Марсеј…

Од индивидуалните награди, покрај признанието од ФИФА во 1995 година, истата година ја освои и „златната топка“ на „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер на годината, Веа беше и најдобар стрелец на Лигата на шампионите во сезоната 1994/95, трипати најдобар фудбалер на Африка итн.