На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, вечерва, од 20 часот ќе биде изведена премиерата на претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Ова е второ претставување на култниот роман на Андреевски на театарска сцена.

– Се работи за роман што на некој начин со својата појава стана меѓник на модерната литература кај нас. Многу е значаен со проблемот што го носи, па романот станува „библија“ за нашиот народ. Обработува турбулентно време во кое на овие простори се измешани многу интереси, војни. Македонецот заробен од една страна од својата сиромаштија, глад, болест, неукост, а од друга страна од големите апетити на големите држави се најде во непријатна ситуација. Сите тие околности се прекршувале врз обичниот човек. Тоа време беше поводот да се зафатам со темата, затоа што денешните околности во кои живее многу потсетуваат, за жал, на тие околности, сѐ уште треба да ги докажуваме државноста и идентитетот – вели режисерот.

Претставата не е политички памфлет, иако го носи тој контекстот, но вниманието е насочено кон човекот, кон тоа како животите на Јон и на Велика се уништени. Во претставата им се дава шанса за повторна средба.
Ќе има 28 актери на сцената (Марија Спиркоска Илиjеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски…) Музиката е на Димитар Андоновски, костимите ги изработи Андреј Ѓоргиевски, а сценографијата е на Валентин Светозарев. Драматизацијата ја изработи Љупчо Ѓеоргиевски во соработка со драматургот Ивана Нелковска.