За тоа како децата, преку забавни задачи и проекти, полека ќе ги откриваат и совладуваат тајните и убавините на ин­форматичките технологии, разговаравме со Марија Ферро, координаторка на академијата „Ај-Тинк“ (IThink Academy).

Марија Ферро

Што претставува академијата „Ај-Тинк“?
– Академијата е наменета за деца од 8 до 14 години. Преку оваа програма на децата ќе им се претстават најпопуларните области од информациските технологии. Станува збор за 5 теми: Запознај се со ИТ, Ајде да дизајнираме, Правиме интернет-страници, Забавно програмирање и Роботика. За оние што ќе се вљубат во овие технологии и сакаат да продолжат со учење, следува втора година, каде што ќе изучуваат напреден дизајн и изработка на веб-страници и трета година, посветена на 3Д-дизајн на игри.

Можете ли накратко да ни објасните како ќе изгледа обуката и колку ќе трае?
– Во текот на целата учебна година, двапати неделно по 2 часа, преку забавни задачи и проекти, децата полека ќе ги откриваат и совладуваат тајните и убавините на информатичките технологии. Секако, ќе има интересни наставни средства, како на пример деш-роботчиња, кои беа прогласени за најдобра едукативна алатка минатата година. Сакаме да ги научиме децата преку забава да учат.

Какви резултати очекувате?
– Очекуваме нивната вродена љубопитност кон откритија, да ја насочиме кон логички и креативни задачи. Во иднина тоа ќе им биде корисна алатка, преку која ќе можат да си обезбедат барана професија. И да не се ориентираат кон овие професии, стекнатото знаење ќе им биде корисно во современиот технолошки начин на живеење.

Какви се резултатите досега?
– Имаме веќе две генерации. Освен фактот дека сите деца беа среќни, постигнавме и големи резултати. Добивме награди за изработени игри за деца на натпреварот „Коудфест маратон“ (Codefest Marathon) во Охрид и за изработена веб-страница за академијата „Ај-Тинк“.

Многу родители се плашат дека децата премногу време поминуваат пред компјутер…
– Модерната технологија стана неопходен и составен дел од животот. Точно е дека не треба да се троши толку време пред компјутер. Но кога децата веќе пројавуваат голем интерес за овие технологии, тогаш подобро нешто да научат што ќе им користи во животот, отколку да губат време напразно седејќи пред компјутер.