На 1 септември годинава се навршија 25 години од премиерното прикажување на дебитантскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски на Филмскиот фестивал во Венеција, или популарната Мостра, како што го нарекуваат најстариот филмски фестивал во светот. Како што е добро познато, Манчевски во Венеција се закити со „златниот лав“ и уште неколку награди. „Пред дождот“ потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа, а филмот освои и номинација за „оскар“ во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија.

Филмот во својата филмска нарација содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…

– Кога снимаш филм, мораш да насочиш бесен ѕвер, кој се состои од пари, опрема и его, до крајната цел – она особено нешто што некако успева да ти го допре срцето и да те натера да размислуваш – се вели во воведот на „Писма од ’Пред дождот‘“ од Милчо Манчевски.