Предавање на професорот Омар Акбар на темата „Обновата на ’Баухаус‘“ ќе се одржи вечерва, во 20.30 часот, во киното „Фросина“, како дел од саемот на уметноста „ИнСиту“.

– Изградениот „Баухаус“ во Десау стоеше во 1926 година на отворено поле и требаше да претставува архитектура што има ново разбирање за просторната перцепција. Во годините на своето постоење беше реновиран неколкупати. Како светско културно наследство, беше предмет на посебни правила, кои требаше да се набљудуваат за време на реновирањето: зачувување на структурата на зградата, зачувување на историските траги, зачувување на споменикот, реконструкција на фасадата. А образованието секогаш имало суштинска улога во „Баухаус“, оттаму е основан колеџот „Баухаус“ во 1999 година – вели Акбар.

Тој е роден во Кабул, во 1948 година, ги изучува архитектурата и урбанизмот на Техничкиот универзитет во Берлин, предава како вонреден професор на Универзитетот за уметности во Берлин и на Техничкиот универзитет во Берлин.

Неговото професионално искуство како архитект и урбанист ги вклучува Багдад (Ирак) од 1981 до 1992 година, Банџул (Гамбија), Сана (Јемен) и Асуан (Египет). Тој бил професор по теорија за архитектура и урбан дизајн на Универзитетот за применети науки во Десау од октомври 1998 до декември 2008 година.