Катарина Венти од Австрија

Ревијален интернационален слем, на кој ќе учествуваат Катарина Венти од Австрија, Серџо Гарау од Италија и Елена Пренџова од Македонија, ќе се одржи утревечер, во 20.30 часот, во Клуб-ресторанот МКЦ. Ова е прв слем-настан од ваков тип во нашата земја, затоа што првпат кај нас гостуваат слемери од Европа. Венти, Гарау и Пренџова ќе имаат по получасовен настап на кој ќе се претстават со најдоброто од себе.

Катарина Венти (1995 година) е израсната во Виена. Венти студира театар, филм и медиуми, како и мултимедија на Универзитетот во Виена. Со слем почнува да се занимава во 2016 г., а во 2018 г. станува слем-победничка на Виена и покраините Долна Австрија и Бургенланд, како и претставничка за Австрија на Европското слем-првенство каде што го освојува петтото место. Моментално работи како асистентка на продукција во јавното радиодифузно претпријатие ОРФ.

Серџо Гарау (1982 година) е роден на Сардинија. Студирал во Торино, каде што почнал да пишува за изведувачката група „Спараџуриј лаб“, која учествувала на многу слем-настани во Италија. Потоа пишувал за заедничката претстава на музичари, видеоартисти и програмери „ИО Гејм оувер“. Се занимава со слем-поезија, поезија и видеопоезија. Настапувал во многу земји во Европа. Серџо е организаторот на Европското слем-првенство за 2019 година што ќе се одржи во Милано во март во 2020 година, на кое нашата земја ќе ја претставува поетот Ненад Јолдески, кој на почетокот на месецов победи на традиционалниот Национален слем-натпревар што се одржа во Прилеп.

Слем-домаќинка на вечерта е националната слем-претставничка на Европското слем-првенство за 2016 година и соорганизаторка на националните слем-натпревари во Македонија, Елена Пренџова. Пренџова е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки. Авторка е на десетина поетски збирки и на една збирка есеи за поезијата и уредничка на две антологии.

Вечерта ќе заврши со отворен микрофон, а слемот ќе се изведува на македонски, англиски, германски и на италијански јазик.