Кога ФИДЕ ја објави рејтинг-листата за ноември, стана познато дека мечот за светски првак во шах помеѓу шампионот Карлсен и Американецот Каруана е всушност и меч помеѓу првите двајца играчи според моментниот рејтинг

Сега, кога Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ја објави рејтинг-листата за ноември, и официјално стана познато дека мечот за светски првак во шах помеѓу актуелниот шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 поени), и Американецот Фабијано Каруана со три поени помалку (2.832), кој почнува идниот петок во Лондон, е всушност и меч помеѓу првите двајца играчи во светот според моментниот рејтинг.
Тоа не се случило уште од 1990 година.

Во историјата на постојниот рејтинг (ЕЛО), кој беше измислен од унгарско-американскиот професор по физика Арпад Ело и усвоен од ФИДЕ во 1970 година, никогаш немало меч за светската круна а двајцата кандидати за титула да биле толку блиску еден до друг.

Последен пат првиот и вториот на рејтинг-листата во меч за светски првак играле во 1990 година, поточно во петтиот и последен меѓусебен меч помеѓу Русите Гари Каспаров и Анатолиј Карпов. Каспаров тогаш имаше точно 2.800, додека Карпов 2.730 поени.

Во првиот меч (1984), Каспаров веќе беше светски првак со 2.715 поени, во споредба со Карпов, кој имаше 2.705. Во мечот, пак, во 1985-та, Каспаров падна под својот ривал (2.700 спроти 2.720), но ја освои титулата. Во 1986 и 1987 година, рејтинг-разликата беше 35, односно 25 поени во корист на генијалниот Каспаров.
Сепак, најблиску беа Карпов и неговиот поранешен ривал, натурализираниот Швајцарец со руско потекло Виктор Корчној во нивниот втор меч (1981) во Мерано. Иако Корчној имаше многу помалку шанси за победа отколку во 1978 година во Багио, рејтинзите на двајцата врвни велемајстори се разликуваа само за пет бода, 2.700 за Карпов наспроти 2.695 за Корчној.

Магнус Карлсен, кога првпат стана светски првак во 2013 година, имаше речиси 100 поени поголем рејтинг (2.870) од бранителот на титулата, Индиецот Вишванатан Ананд (2.775). Во т.н. меч на столетието, пак, (1972 година) во Пасадена, претендентот, американскиот ВМ Роберт Фишер (2.785) имаше 125 рејтинг-поени повеќе од бранителот на круната, Русинот Борис Спаски (2.660).