Македонската женска репрезентација денеска и утре (од 16 часот) во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе ги одигра двата контролни натпревари со Италија, во рамките на Неделата на ЕХФ. Од објавениот список, селекторот Симе Симевски на располагање ги нема бековите Елена Ливриниќ и Теодора Керамитчиева поради повреди.

– Посветеноста во работата на девојките и интензитетот со кој ги работиме овие неколку тренинзи ми даваат за право да очекувам позитивен исход од дуелите со Италија. Во нашата последна пресметка минатата година ја победивме Италија, но таа ни зададе доста проблеми. Последнава година направивме одредени промени во системот на тренинг и работата, а направивме и избалансиран спој на младост и искуство. Првите позитивни резултати ги имавме на Медитеранските игри годинава (четврто место – н.з.) и верувам дека оваа наша работа ќе даде уште поголеми успеси – вели Симевски.

Овој собир е прва фаза од подготовките за квалификациите за пласман во баражот за Светското првенство в година, на кои Македонија од 30 ноември до 2 декември ќе биде домаќин на групата 4, во која се Азербејџан, Турција и Исланд.