Светската првенка, Французинката Теса Ворли, победи на првата велеслаломска трка сезона во Светскиот куп (СК) во скијање во австрискиот зимски центар Зелден, како што последните години по традиција се отвора новата сезона.
За Ворли (29), ова беше прв триумф на оваа патека на 12 досегашни настапи. По двете возења, во многу тешки услови на патеката, со снег и магла, таа забележа време од 2:00,51 минути. Втора беше Италијанката Федерика Брињоне, која задоцни за 35 стотинки (2:00,86), а трета најдобрата во генералниот пласман лани и олимписка првенка во велеслалом, Американката Микаела Шифрин (2:01,45). Четврта беше ланската победничка во велеслалом во СК, Германката Викторија Ребенсбург (2:01,50).

Годинашната сезона би требало да ја обележат неколку работи.
Американката Линдзи Вон најави дека сезонава ќе ѝ биде последна во кариерата. Таа досега има забележано 82 победи во СК и ќе се обиде да ги достигне и да ги надмине рекордните 86 на легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк. Во 19-годишната сезона во СК, Вон има освоено неверојатни 20 „кристални глобуси“ Австриецот Марсел Хиршер (29), исто така, има можности да испише нови страници во статистичките книги. Актуелниот олимписки шампион во велеслалом и во алпска комбинација и светски шампион во слалом и во велеслалом веќе постави рекорд со седумте последователни триумфи во СК и само може да го подобри тој рекорд со освојување на осмиот „кристален глобус“.

Микаела Шифрин (23) исто така има свои цели. Таа веќе забележа 43 победи во СК, што ја става на петтото место на сите времиња во женска конкуренција. Во новата сезона таа ќе се обиде третпат по ред да биде најдобра во генералниот поредок, подвиг каков што досега забележале само три скијачки: Австријките Анемари Мозер-Прел и Петра Кронбергер и Американката Линдзи Вон. Вон, исто така, може да стане и втората жена што шест пати по ред победува во слалом, по Швајцарката Френи Шнајдер.

Покрај возбудувањата во СК, сезонава на програмата е и Светското првенство (СК) во Оре, Шведска, од 5 до 17 февруари 2019 година.
Вчерашниот машки велеслалом во Зелден пак, беше откажан поради високата снежна покривка од околу 50 сантиметри на стартот и 40 на целната рамнина. Наредните денови ќе биде решено кога и на која патека ќе се одржи таа трка.