На штотуку одржаната трка во планински маратон во околината на Кичево, младата седумнаесетгодишна Викторија Николоска од овој град, го освои првото место во јуниорска конкуренција и беше третопласирана во генерален пласман кај жените. Тоа е извонреден резултат за кичевската гимназијалка, на која оваа ѝ беше и прва трка на која се натпреварува во планински маратон.
-Уште пред три години кога почна одржувањето на „Момата рок треил“, посакав и јас да учествувам. Годинава тоа се случи со поддршка на клубот ПЕТ „Ендорфини“ Кичево, чија членка сум две години, со што се исполни мојата долгогодишна желба да бидам дел од оваа трка. Искрено, не се подготвував долго за овој планински маратон, активните подготовки траеја околу еден месец, кога во слободно време трчав во СРЦ „Крушино“ и низ градот. Посебно ми причинуваше задоволство сознанието што на олку тежок терен се натпреварувам со искусни маратонци, кои имаа многу слични трки зад себе. Предизвик ми беше и можноста да уживам во панорамата и убавината на Селечка Планина – ни рече Викторија, полна со импресии од оваа трка.

Бидејќи ова за неа било прво планинско искушение и предизвик, таа благодарение на соработката и несебичната помош, па и искуство што ѝ гo пренеле колегите во текот на трката, го остварила овој и за неа неочекуван резултат.
– Првпат трчав толку долга патека и тоа на планински терен. По изминати 10 километри, на последната контрола колегите ме мотивираа да го пуштам чекорот и да ја престигнам третопласираната натпреварувачка, која пред мене беше со предност од 15 минути. Почнавме попатно се запознавме со Александра и со Ивица и да дејствуваме како тим, што и мене дополнително ме стимулираше полесно да ја совладам тешката патека и да го остварам овој резултат. И во иднина ќе се подготвувам за вакви и слични трки, но со стекнатото искуство, ќе ми биде многу полесно да ги совладам сите пречки – порача секогаш насмеаната Викторија Николоска.
Инаку оваа амбициозна и упорна девојка е член и на ликовниот клуб, а дел е и од Извидничкиот одред во градот, како и активна членка на многу други секции.