Фото: Ристо Томовски

трaдиционалното Литературно матине за деца, најмладите љубители на пишаниот збор имаа можност да другаруваат со познати македонски писатели за деца и млади, а специјална комисија составена од познати автори ги избра најдобрите творби на учениците, испратени на конкурсот што го организира општината

Во општината Илинден, од 15 до 18 мај, 19-ти пат се одржа литературната манифестација „Илинден 2018“, во чии рамки, како и досега, на децата им беше посветено големо влијание, а најталентираните ученици беа и наградени.
Дел од годинашното чествување на убавиот пишан збор беше и Саемот на книгата, кој го посетија голем број млади од овој крај, се одржа и промоцијата на најновата поетска книга „Сончев дворец“ на писателот Перо Миленкоски, како и Литературно матине за деца.
И нашиот додаток за најмладите читатели „Колибри“, токму во оваа оаза на убавите книги, промовирање таленти и другарување, почна со одбележувањето на 60-годишнината од излегувањето на првиот број.
Но да тргнеме по ред. Најпрво, како дел од манифестацијата во домот на културата „Илинден“ од 15 до 18 мај под мотото „Денови на книгата“ се одржа саем на книгата, каде што љубителите на пишаниот збор можеа да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги. Саемот го посетија учениците од сите три основни училишта од општината.

Промоција на „Сончев дворец“ на Перо Миленкоски

На годинашното 19-то издание на литературна манифестација „Илинден“ беше промовирана и најновата потеска стихозбирка „Сончев дворец“ на писателот Перо Миленкоски, што ја издаде книгоиздателството „Александар/Александар“ од Скопје.
Во Домот на културата во селото Марино, пред претставниците на локалната самоуправа, наставници и голем број ученици беше претставено најновото дело на овој голем пријател на децата, кој сиот свој живот го посвети на едуцирањето, воспитувањето, информирањето и промовирањето на младите генерации.
Миленкоски својот професионален пат го почна како учител, а потоа долги години работеше како соработник, а потоа и уредник на додатокот за деца „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“.
Стихозбирката „Сончев дворец“ е најобемен ракопис на Миленкоски, кој според рецензентот на книгата Веле Смилевски, „поседува едно повисоко уметничко ниво, како во третирањето на мотивите, така и во строежот на стихот“.
На промоцијата стихови од книгата прочитаа ученици, членови на литературни секции од повеќе училишта, а за стихозбирката говореше писателот Горјан Петревски.

Перо Миленкоски на промоцијата на книгата „Сончев дворец“

– Миленкоски, како ретко кој поет во нашата литература, има неизнасилена и спонтана лирика, која не може, а да не допре до оние што ја читаат. Песните во „Сончев дворец“ се слеваат во препознатливиот дух на поетот, а трите циклуса („Мамините цветчиња“, „Што сонува Тамара“ и „Владо црта сонце“), колку што се сродни, толку и тематски се разликуваат, но заеднички им се суштината и пораката. Ќе ја поздравиме новата стихозбирка и на авторот ќе му посакаме нови поетски возбуди, зашто ние писателите, на секоја книга ѝ се радуваме како на нова рожба – посочи Горјан Петревски.
Перо Миленковски обраќајќи им се на децата, кои во голем број беа присутни на промоцијата, им порача да го следат својот сон, но и да бидат искрени со себе. Тој рече дека сѐ уште го чува детето во себе, кое е љубопитно и со немирен дух, па и покрај зрелите години сѐ уште учи. Авторот песните од книгата им ги посветил на своите внуци, неговата гордост, но и на сите деца.

Литературно матине за деца

На трaдиционалното Литературно матине за деца, најмладите љубители на пишаниот збор од основните училишта во општината имаа можност да се дружат со повеќемина познати македонски писатели за деца и млади.
Учениците во преполната сала на домот на културата „Илинден“, со внимание ги следеа настапите на нивните омилени писатели: Стојан Тарапуза, Александар Поповски, Перо Миленковски, Киро Донев, Наум Попески, Мито Спасевски, Славка Арсова, Ванчо Полазаревски, Васко Мукаетов, Ксенија Маказиева Трајчева, Христо Петрески и Александар Кујунџиски, кои се претставија со своите најнови творби.

Традиционално и на ова Литературно матине специјална жири-комисија составена од писатели за деца и млади, ги избра најдобрите творби на учениците што учествуваа на конкурсот што го организира општината Илинден.
Авторите на најдобрите три песни од секое училиште беа наградени со посебни признанија што им ги врачи градоначалникот Жика Стојановски. Признанија добија и наставниците-ментори на наградените ученици, како и писателите за деца и млади што учествуваа на Литературното матине за деца.
В година оваа реномирана манифестација ќе одбележи 20 години постоење за што, секако, се заслужни сите што придонесоа во Илинден веќе со години да се слави книгата и убавиот пишан збор, а децата да ја засакаат литературата од мали нозе. 


Почна одбележувањето на јубилејот – 60 години „Колибри“

На промоцијата на книгата „Сончев дворец“ на Перо Миленкоски беше означен и почетокот на одбележувањето на големиот јубилеј, 60 години од излегувањето на првиот број на додатокот за деца „Колибри“ во нашиот весник.
На присутните ученици им беа поделени броеви од месечникот „Колибри +“, а за овој единствен прилог за најмладите читатели во дневниот печат во земјава, говореа писателот Горјан Петревски, долгогодишниот уредник на списанието Перо Миленкоски и сегашната уредничка Марија Таушанска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

 

Радосница

Ако има негде река
кај што силна љубов тече,
сакам море јас да бидам
што го полни утро – вечер.

Ако има негде птица
сал за љубов што си пее,
срце мое, гнездо биди,
таа птица да ја грееш.

Ако има топла рака
за да гушка и да гали,
нека биде дар за сите,
дар за сите деца мали.

Нежен букет ден ми краси,
цвеќа разни, плам од бои.
Цвет на мирот нека биде
в раце мои, раце твои.

Од книгата
„Сончев дворец“
на Перо Миленкоски