Посебен предизвик е хранењето на животните во зоолошките градини, бидејќи неопходно е да се познава однесувањето на секој вид за да се обезбеди соодветна храна

Европската комисија го наведува слободниот пристап до потребното количество и квалитетот на храна и вода како една од основните потреби што треба да бидат исполнети за да се обезбеди благосостојба кај животните. Ваквиот приоритет ја отсликува важноста на храната и водата за животните, бидејќи гладот и жедта се една од основните и постојани мотивациски сили развиени за време на еволуцијата на видовите. Нивната неухранетост може да доведе до болест, слабост, а на крајот и до смрт на организмот.

Животните се неухранети ако храната што ја добиваат не е од соодветен состав за да ги задоволи нивните потреби, односно не ги содржи сите потребни состојки. Кај животните на фармите понекогаш намерно се спроведува вакво хранење за да се добијат производи со посакуваниот квалитет. Некои истражувања покажале дека животните што не добиваат храна со соодветен состав се поактивни. Таквото однесување може да се смета за потрага по храна и може да резултира со абнормални однесувања, како што се гризење на опашката кај свињите или влечење пердуви кај кокошките. Неизбалансираната исхрана е една од причините што предизвикуваат шап и лигавка кај кравите, при што особено е важно да се внимава на составот на храната што ја добиваат кравите за време на телењето и раната лактација.

Храната што не ги содржи потребните состојки исто така може да претставува проблем и за домашните миленици. Познато е дека кај одредени видови папагали може да дојде до губење на нивните перја доколку им недостигаат минерали во исхраната. Од друга страна, пак, кучињата и мачките многу често добиваат остатоци од храна од нивниот сопственик или од рестораните. Исхраната што содржи зачини, како што е солта, е штетна за здравјето на миленикот. Посебен проблем се оние сопственици што сакаат месојадните видови животни да ги хранат со вегетаријанска храна. Се смета дека кучињата може да преживеат со вегетаријанска исхрана, но тоа не се смета природно за мачките и може да доведе до сериозни здравствени проблеми.

Доколку животните не добиваат доволно количество храна, тие се сметаат за неухранети, односно потхранети. Освен на фармите при интензивно гоење, животните може да бидат неухранети ако пасат на пасишта каде што нема доволно храна, доколку бидат спречени од други посилни животни што им ја земаат храната или, пак, поради временските услови, на пример ако времето е многу топло, тогаш животните јадат помалку. Абнормални однесувања што може да се јават како последица од неухранетоста се кај свињите гризење решетки, стругање на муцката по решетките, нишање со главата, клукање во една точка кај гулабите, клукање по подот или садот за хранење кај кокошките, играње со јазикот кај мачките, џвакање и кубење на волната кај овците.

Посебен проблем претставува и исхраната на животните во фармите, која предизвикува брзо зголемување на телесната тежина и производство на големи количества млеко, јајца или месо, бидејќи таквите животни имаат и голем апетит. Имено, кај животните за расплод внесувањето храна е ограничено за да се спречат репродуктивни проблеми. За да не бидат постојано гладни, се предлага разредување на концентрираната храна со храната богата со растителни влакна за да изедат поголемо количество храна што нема хранливи вредности.

Во природата, животните сами ги избираат количеството и видот на храна што ќе ја јадат. Според принципите за еволуција и екологија, се смета дека животните имаат способност за смислено однесување при хранењето. Значи, кога животните можат сами да избираат, тие имаат способност да изберат доволно квалитетна храна за себе.
Коњите се степски животни. Во природата, нивна главна храна е тревата, а ја пасат полека, во периодот од 12 до 16 часа на ден. Затоа, поради физиологијата на дигестивниот систем, најдобро за коњите е да им се даде пристап до храна во текот на целиот ден.

Пребарувањето храна за свињите претставува социјална активност, така што сите членови на групата јадат заедно кога ќе се најде храна. Затоа, ситуацијата на фармите кога им се дели храната за свињите е многу стресна, бидејќи некои животни добиваат храна порано, а некои подоцна. Во случаи кога нема доволно храна, тогаш предност до пристапот на храна имаат оние животни што се посилни, а послабите може да останат гладни, што, за жал, е проблем кај свињите што се чуваат во група.

Посебен предизвик е хранењето на животните во зоолошките градини, бидејќи неопходно е да се познава однесувањето на секој вид за да се обезбеди соодветна храна. На пример за сите копитари што пасат во природата треба да има храна расфрлана на подот. Месојадите што ловат жив плен треба да имаат „подвижна“ храна, но затоа што е забрането да се хранат со жив плен, тогаш е потребна малку имагинација за да може да им се пренесе парчето месо.

Животни како што се свињите треба да имаат можност храната да ја бараат со ровење, а мајмуните треба да ја бараат со искачување на повисоки места, како што се крошните на дрвјата. Ваквиот начин на давање на храната им овозможува на животните да се забавуваат додека ја бараат храната и се смета за еден од елементите за збогатување на животната средина во зоолошките градини.
Може да се заклучи дека правилната исхрана кај животните го подобрува нивното физичко и ментално здравје, а тоа претставува неопходен дел за благосостојба на животните.