Новоизградениот зелен пазар во Македонски Брод, по примерот на поголемите градови во земјава, доби современ продажен објект, кој на подолг рок го решава проблемот со продажбата на овошје, зеленчук и други производи.
– Почна со работа новиот зелен пазар во Македонски Брод, кој поседува 40 отворени тезги и 4 затворени деловни простори, во објект од монтажен тип, со поединечна површина од 16 квадратни метри. Новиот зелен пазар располага и со сопствен паркинг простор за 100 возила, како и со сопствен санитарен јазол. Овој пазар е изграден со грант од Светска банка во износ од 15 милиони денари и со три милиони денари средства од нашата општина – истакна Горан Трајаноски, директор на ЈП „Комунална хигиена“ од Македонски Брод.

За да ги стимулираат тезгаџиите да се преселат од импровизираниот пазар на новиот современ продажен простор, од јавното претпријатие им нудат, првиот месец, бесплатно користење на тезгите.
– За да ги променат навиките на продавачите на земјоделски производи, кои досега своите продукти ги продаваа на импровизираниот пазар кај бензинската пумпа, им понудивме во првиот месец бесплатно да ги користат тезгите од зелениот пазар, а во понатамошниот период, на денот кога кај нас е пазарен ден, а тоа е петок, да плаќаат по само 150 денари. Четирите деловни простори наскоро ќе им бидат понудени на заинтересираните трговци, угостители и земјоделци. За секој деловен простор почетната цена ќе биде 1.500 денари кирија за еден месец, а вистинската цена ќе ја дознаеме откако ќе ги добиеме сите понуди од заинтересираните граѓани. Интересот е доста голем, а како најзаинтересирани за закуп на овие простори се наметнуваат, живинарската фарма од селото Долнени и еден угостител од градот. Покрај другите погодности, пазарот е осветлен и личи на еден од најсовремените вакви објекти во земјава – додава Трајаноски.

И броѓани се презадоволни што завршува ерата на импровизираниот зелен пазар кај бензинската пумпа и се гордеат со новоизградениот продажен простор.
– Новоизградениот зелен пазар му дава нов современ урбан лик на градот. Со неговото отворање очекуваме да се подобри и понудата на земјоделски производи, со што ќе бидат задоволени целокупните потреби од квалитетен зеленчук и овошје. Од овој месец ќе оди во историјата т.н. зелен пазар, каде што со децении се продаваа зеленчук и овошје – истакнаа Марјан и Драган, жители на овој град.