Со синоќешниот дуел меѓу екипите на Железничар од Ниш и домаќинот Струга започна 46-от меѓународен ракометен турнир „Струга 2018“, кој традиционално се одржува на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“ во Струга, а ќе трае до 19 август.
Учесници на еден од најсилните претсезонски балкански турнири се словенечкиот првак Целје, турскиот шампион Бешикташ, српскиот вицепрвак Железничар, шведскиот состав Алингсас, романска Констанца, француски Тулуз и македонските претставници Еурофарм Работник и домаќинот Струга.

Годинешниот турнир „Струга 2018“ ќе има посебно значење, бидејќи отворениот терен „Женска плажа“ ќе биде домаќин и на првиот Суперкуп на Македонија, во чии рамки в сабота (21 часот) ќе се сретнат македонскиот вицепрвак Металург и шампионот Вардар, меч со кој официјално и ќе започне годинашната натпреварувачка сезона.
Во 1-то коло на турнирот синоќа играа: Железничар – Струга, Констанца – Алингсас и Целје – Еурофарм. Во денешните мечеви од 2-то коло ќе се сретнат Бешикташ – Еурофарм (17.45 ч.), Железничар – Алингсас (19.15 ч.) и Целје – Тулуз (21 ч., пренос на МТВ – собраниски канал).