Ви благодарам што дојдовте во мојата татковина, Република Македонија.
Ватикан и католичкиот свет, на чие сте чело, отсекогаш претставувале еден од столбовите на човештвото, биле еден од моралните фарови, проповедајќи љубов кон човека, хуманост и разбирање.

Затоа кај мене предизвика неверување и ме растажи веста дека нема да посетите ниту еден православен храм во Република Македонија, бидејќи најголемиот дел од Македонците, кои се мнозински народ во мојата држава, се православни христијани. Тоа е како да му дојдете во куќата ама да не му укажете почит на домаќинот! А ние сме браќа, како луѓе, а и како христијани.

Исто така, ме боли што мојот народ, кој е како сирак – мал(оброен), сиромашен, поробуван, прогонуван и без пријатели, не го заштитувате. Како чин на понижување, кое во историјата никому не му е причинето, и под огромни надворешни притисоци, на мојот народ, на Македонците, им го сменија името на државата и покрај неуспешниот референдум одржан за да се прифати такво нешто. На плакатот што го видов за вашата посета пишува: посета на Северна Македонија, а и вие во видеопораката така ја нарекувате, што е како да прифаќате Македонците да бидат понижени.

Со почит,
д-р Предраг Николовски