Фото: Игор Бансколиев

Во организираните држави, каде што интегралниот систем на државата во сите сфери функционира и реагира на дразби речиси беспрекорно, постои еден потсистем за брза реакција во случај на инциденти и кризи, каде што прекуноќ се мобилизираат сите засегнати државни институции за што побрзо да се надминат штетите и последиците од незгодата. Кај нас тоа не беше случај со сообраќајката кај Ласкарци

Сам го извадив син ми од автобусот. Ми се јави на мобилен и само рече, „не знам што се случи, имавме несреќа“. Веднаш тргнав од Гостивар кон Карпалак и го извадив син ми од автобусот, раскажа таткото на едно од повредените момчиња во автобуската несреќа кај Ласкарци, кој потоа својот повреден син сам го однел во Ургентниот центар на клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. Случајот само ја отвори дебатата како таткото успеал прв да стигне до местото на настанот, поточно како пред него не го не успеале да стигнат екипи на итната медицинска помош, стручни лица што знаат како правилно да постапат при извлекувањето и транспортирањето повредени при вакви тешки несреќи. Всушност, случката отвори и една суштинска тема за која државните институции одговорни за дејствување при вакви несреќи, поплави и слично би требало сериозно да размислат за потребата од постоење на систем за менаџирање на безбедноста, како што е тоа практика во светот.

Веројатно, постоењето на единствен телефонски број, на кој ќе може да се пријави каква било несреќа, ќе биде оној вистинскиот од кој потоа ќе се активираат сите надлежни институции, кои веднаш ќе излезат на терен и во најкраток можен временски интервал ќе пристигнат на местото на несреќата за интервентно и стручно да дејствуваат. И некои од институциите одговорни за дејствување при вакви несреќи или катастрофи се согласни дека постоењето на систем за менаџирање на безбедноста може да ни донесе само поголема ефикасност. Врзано за автобуската несреќата во која имаше 15 жртви, професорот и судски вештак, Зоран Јашевски, често вклучен во Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), јавно констатира дека станува збор за потфрлување на системот. Потфрлање на цел оној систем што ја опфаќа безбедноста во патниот сообраќај. Тој не се согласува со одговорноста на само еден, дали на полицијата, на превозникот или на друг во случајот со автобуската несреќа. Според него, потребен е системски пристап и крајно време е за менаџирање и управување со безбедноста во сообраќајот.

Од РСБСП велат дека засега нема официјални информации за тоа што точно се случило и во согласност со тоа не може да се каже дали и каде точно затаил системот. Постојат индикации за можно затајување на системот во одредени негови делови, но сепак неодговорно е, велат тие, да се даваат заклучоци без детални информации од истрагата.

– РСБСП ја нагласува потребата од целосна и темелна истрага на сообраќајната незгода од аспект на утврдување на причините и одговорноста поради која истата таа настана. Покрај тоа, РСБСП ја истакнува потребата преку оваа сообраќајна незгода да се направи една сериозна анализа на целокупниот сообраќаен систем од аспект на тоа колку системот е безбеден и компатибилен да обезбеди превенција од вакви немили настани и колку сообраќајниот систем и воопшто институционалниот систем имаат капацитет правилно и целосно да одговорат за минимизирање на последиците во вакви ситуации. Ваквиот пристап е неопходен за да се утврди во кои елементи системот има слаб потенцијал и каде треба да се дејствува за во иднина да се спречат ваквите немили настани. Додека не се добијат резултатите од истрагата, од сите нејзини аспекти, не може да се даде конкретен одговор во врска со одговорностите на одделните институции, велат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека сообраќајот е сложен и динамичен систем и зависи од голем број фактори. Заради успешно менаџирање на безбедноста на сообраќајот неопходни се силна координација и усогласеност помеѓу сите надлежни институции и, секако, неопходно е зајакнување на оперативните капацитети на секоја институција посебно.
РСБСП постојано истакнува дека сообраќајот е сериозен извор на опасности и закани за животот и здравјето на учесниците во сообраќајот и во согласност со тоа ја нагласува потребата безбедноста на сообраќајот да се издигне како врвен приоритет за дејствување на сите општествени чинители. Додаваат дека, за жал, оваа сообраќајна незгода само ја потврди потребата за поголема одговорност и посериозен пристап кон безбедноста во сообраќајот и институционално и индивидуално како учесници во сообраќајот.

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се согласуваат со фактот дека оваа несреќа само ни потврди дека ни е повеќе од потребен систем за менаџирање и управување со безбедноста во сообраќајот.

– Ние имаме проект за телефонскиот број 112, кој треба да профункционира кон крајот на 2020 година. Работиме програми според НИЦС – систем за командување со инциденти. Една година работиме на ова, а овој систем го имплементира и НАТО. Ние први го имаме овој систем во Европа, а го немаат ниту членките на НАТО, сѐ е во фаза на развој. Вршиме обука на членови од разни институции. Системот ќе помогне многу во координацијата при вакви и слични настани, за да не се случи некој да пристигне по 20 минути. Недостига, навистина недостига координација и ова е општа болка во државава. По сите параметри сме водечки по стручност, ама по координација сме најслаби. Затоа мора да се воспостави систем за менаџирање на безбедноста, за да не ни се случи утре пак некој да ни загине или да ни умираат луѓе поради некоординација – вели Миљаим Алиу, шеф на кабинетот на директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку.

Во услови на постоење на систем за менаџирање на безбедноста, Дирекцијата за заштита и спасување би требало да се вклучи прва, а потоа МВР и надлежните од здравството, неофицијално тврдат вработени во ЦУК. Вработените од нивната канцеларија од Тетово во несреќата кај Ласкарци се вклучиле со дигалки, потребни на местото на настанот. Додаваат дека долго време се подготвува еден ваков систем, се прават технички елаборати, се бараат канцеларии каде што би можело да се отворат и ред други нешта. Инаку ЦУК само пред една недела учествуваше во спасувањето и ги пронајде двајцата рекреативци, кои тргнале од Тетовско кон Вруток, а се загубиле на Шар Планина.

Кај унесреќените први стигнаа граѓаните наместо лекарите
Фото: Игор Бансколиев