По два меча од секое коло ќе бидат пренесувани на Арена и на МТВ

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и прволигашките клубови се договорија за продажба на ТВ-правата и за преноси на натпреварите во следните натпреварувачки сезони, почнувајќи од сезонава, на регионалната ТВ-станица Арена.

Според договорот, треба да има директни преноси на по два меча од секое коло, во саботите и во неделите, а и од натпревари од фудбалскиот Куп на Македонија, информира Фудбалската федерација на Македонија. Според договорот, со сумата за ТВ-правата ќе се покријат трошоците за котизација на 10-те клуба за играње во Првата лига.

Фудбалската федерација на Македонија информира дека во проектот за телевизиските права ќе биде вклучена и Македонската телевизија (МТВ), па двата натпревари од секое коло ќе се емитуваат и на МТВ со коментар на македонски јазик.
Натпреварите од Првата македонска фудбалска лига првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе се емитуваат на регионален спортски канал.