Последните 13 дена – планета Лајкучкудасамне

Пред триесетина години, во 1983-1989, бев шеф на претставништвото „Далмацијатурист“ во Скопје и ме поканија на Радио Скопје да дадам оцена и информации за продажбите и туризмот на „наше море“, чиј претставник за 1.000 км море и Далмација бев тогаш. Емисијата траеше повеќе од еден час, се јавуваа слушатели, поставуваа прашања и во меѓувреме редакцијата пушташе забавна музика, бидејќи емисијата имаше информативно-забавен карактер. Помеѓу неколку коментари и песни, уредникот и водител на емисијата Влатко (пок.) ме праша дали имам некоја музичка желба, тие да ја пуштат во емисијата. „Да“, реков јас, „Бора Чорба, ’Нечу да будем члан мафије’“. Немав никаква особена и смислена заднина, туку Бора и неговите текстови беа небаре ,,мои“. „Не, таа не!“, отсече Влатко, „таа е забранета и Бора Чорба исто така. Сакаш нешто друго?“, настојуваше Влатко. „Не, или Чорба или ништо друго“, возвратив јас. Не од инает, туку ако веќе исполнуваш желба – таа ми беше желбата. Редакцијата пушти други, поблаги, наместо „антивладини“ (1988 г.) и антимафијашки хитови. Поминаа 30 години, а јас сѐ уште си ја потпевнувам таа „Нечу да будем члан мафије“, не знам зошто, сѐ уште ми лежи.

А луѓето што мислат со срце, а не со глава, сѐ уште се непожелни за „мафијата“. Оние што мислат со глава се „прагматични“ и политичка елита (во опинци). Затоа, оставете ме уште 13 дена да си се насладувам на името – Република Македонија. Потоа, како берберот на цар Трајан, во дворот ќе си ископам дупка и во неа ќе си викам: Република Македонија! Онака, олеснително, бидејќи не сакам „дијазепами“ или други утешителни средства со шмркање. Не сум државник. И ќе биде крајно интимно: сам во својот двор ќе ѝ се изнавикам на дупката Република Македонија, Република Македонија! И ден-два ќе ме држи, претпоставувам. Сега ќе се одвикнувам од државјанството Македонец и ќе станам македононосталгичар. Тешко излегувам од претходниот филм. Овие, новите генерации се поеластични и попластични, лесно влегуваат и лесно излегуваат од една партија во друга, од едно државјанство во друго, им требаат само неколку секунди. Колку што трае еден потпис за нов „трансфер“ од една состојба во друга. Моделот е Версаче – Амди. Отсега ќе си шепотиме кога ќе го изговараме тоа судбоносно име – Македонец и Македонија, онака, во кругот на потесното семејство. Името што си го самоофицијализиравме сами, на референдум, без го прашаме коалицискиот партнер или компетентни за такви прашања. Ама тоа самопреименување може да е судбоносно за државата.

Таа ќе си го самоменува името на референдум исто како што си се самоименува. Дали со самоменувањето ќе си ископа дупка или ќе си издигне самопиедестал, ќе видиме. Иако е видлива крајната цел, ефектот од промена на името на државата. Со успешната промена на името, тоа ќе треба веднаш да се регистрира во ООН од името на „двете најголеми заедници“ на два службени јазика. Во еден момент АД држава на два политички субјекти. Во следните 24 часа, 124 држави ќе ја прифатат „волјата на народот“ изразена на референдум, кој ќе биде успешен. Ќе излезат 61,31 процент од 1.850.626 избирачи, колку што имало во „прочистениот“ избирачки список. Ние не знаеме колку жители има оваа Република Македонија, но со сигурност од 99,99 проценти знаеме колку избирачи има Северна Македонија. А тие избираат. Деновиве имав случајни средби со туристи од речиси сите околни држави, наречени – регионот. Жител на соседна земја тврди дека нему и на сите избирачи им нудат соодветна сума на нивната валута, рамна на 10 евра. И тој уредно оди, уредно се потпишува, новинарите уредно ја фотографираат глетката и државата има уредни „европски“ избори, под будното око на ОБСЕ и сите ЕУ и не-ЕУ комисии. „Дури еднаш“, вели тој, „ме најдоа ’случајно’ на бензинска пумпа и ми го наполнија резервоарот“.

Но штосот бил, тој уредно да одглуми еден од илјадниците статисти што уредно „гласаат“, а вреќите со „резултатите“ се уредно преброени и готови уште три дена пред гласањето. Има умни глави во таа држава и тие се „политичка елита“. Земјата за која станува збор е членка и на ЕУ и на НАТО. Ако уплатите 10 евра на мојата пензионерска транзициска сметка, ќе ви кажам која е. Човекот што ми го раскажа ова, сосема искрено но со малку гадење, е 35 години инженер по професија и воопшто немаше намера да прави атракција од нашиот разговор, туку имаше за цел да ме утеши, колку е погадно во неговата држава. Ама и покрај гадливоста, редовно си оди на бензинска пумпа, пред избори. И ножот и лебот се во нивни раце, вели тој. И сечат каде и колку сакаат. И му даваат кому и колку сакаат. Дури се случило еднаш некој по грешка, пред него да потпише гласање во неговата графа. Тој се обидел да протестира, сакал „чесно“ да гласа, бидејќи „чесно“ пред тоа го наполнил резервоарот.

Членовите на гласачката комисија веднаш интервенирале и го утешиле, да гласа и потпише во некоја друга графа и за утеха ако сака ќе му дадат 2 или 4 нови гласачки ливчиња. Само да нема нарушување на „мирниот тек на гласањето“, кое до тој момент уредно се одвивало. За среќа, кај нас не е толку европски. Понекогаш имаме и „касапаана“. Деновиве на Фејсбук се скарав со еден пензиониран амбасадор, кој особено се влажни кога сѐ уште го ословуваат со „амбасадоре“. Го познавам од септември 1980 година, но контакти за овие 38 години, до денес, сум имал едвај „куртоазни“ од елементарна култура, пет-шест минути. „Амбасадорот“ (пензионер) отворено сугерира „за“ промена на името Република Македонија, во полза на Северна Македонија. Истиот човек, кој од името на СРМ беше делегиран во конзулатите и амбасадите на СФРЈ. Истиот човек што јадеше народни пари на конзулско-амбасадорски позиции и резиденции, со голема партиска проверка и самодокажување, не можеше да работи во МНР, а за конзул и амбасадор требаше да биде само проверен и докажан член на СКЈ и СКМ, бидејќи ги застапуваше интересите на СРМ и Република Македонија, а не (своите лични). Денес „проверениот кадар“ на Фејсбук тврди дека Северна Република Македонија е нашиот (неговиот) вистински избор.

Тој „амбасадор“ 45 години јадеше пари од СРМ и РМ и живееше во државни имоти (амбасади), а јас 45 години секогаш јадев свои пари и секогаш на свој личен имот и личен трошок. Во бизнисот сам си купував, закупував и плаќав закупнини, кои беа мој дополнителен товар, а не користев државен имот. „Амбасадорот“ полувековен ждерач на народен (државен) бел леб, сега пука во истата држава, ја прогласува за некорисна, износена, која толку умно, сервилно и „патриотски“ ја застапувал и „бранел“ половина век. И токму сакав да ви ја препишам во целост мојата колумна за државата и иднината, со заглавие „Првите 100 дена или наредните 100 години“, која е објавена (петок, 20 јуни 2014) а вие ќе мислевте дека е пишана утрово, но е напишана 1.542 утра пред овој број. Значи, на Република Македонија ѝ било пишано да умре. Само беше прашање на чие (партиско) дежурство ќе умре кутрата. Сакајќи да ја препишам мојата колумна, во истиот број, кога гледам под неа има: Отворено писмо до МАНУ, објавено во банкротираниот весник „Дневник“, на 20 јуни 2014 година (кога имаше друга, ненародна власт, за разлика од оваа народна власт) и многу скратена (само воведот, на грчки прологот), заради просторот, гласи:
Како да сте од друга планета!

Македонски манифест е вчудовиден од тоа што не знае да ја препознае суштинската опасност надвисната над нашата држава од која се бара да прифати идентитетски да се обезличи, туку се однесува како две децении да бил визитинг-академик на планетата Лајкучкудасамне, па сега, против негова волја, ноќум, го седнале во претседателската фотелја на МАНУ. Првиот човек на академијата, во интервју за „Вест“, изнесе дилетантски и опасни тези за решение на спорот што ѝ е наметнат на Република Македонија од страна на Република Грција за нашето уставно име и за идентитетот што произлегува од името. Неговиот рецепт е небулоза, која и не бара решение зошто имало и други држави „што имаат свој идентитет, име, уставно име и друго име за меѓународна употреба“. Остатокот прочитајте го ве одделот „Периодика“ во некоја библиотека на Република Македонија.