Нови рокови за брегзит: 12 април без договор или 22 мај со договор

Лидерите на ЕУ ја загубија довербата во Меј дека има план како да избегне брегзит без договор, па ѝ ги одбија барањата и ѝ дадоа свои рокови што би требало да овозможат парламентот да ја преземе контролата, тврдат извори на „Гардијан“ што учествувале на маратонските разговори во Брисел

ЕУ ѝ даде рок од две недели на Тереза Меј да подготви алтернативен план за брегзит ако нејзиниот договор со Брисел наредната недела не добие поддршка од парламентот откако британската премиерка не успеа да ги убеди другите европски лидери дека може да избегне брегзит без договор.
По маратонските разговори во Брисел, лидерите на ЕУ ги одбија предлозите на Меј и на британската премиерка ѝ дадоа нова временска рамка за брегзит, за да се избегне крајниот рок од 29 март, односно наредниот петок.

Според постиганиот договор со Меј, Британија сега ќе остане членка на ЕУ до 12 април, ако договорот за повлекување од Унијата и по третпат биде одбиен од британските пратеници. Британската влада ќе може да побара подолго одложување на брегзит ако во тој период може да понуди план за излез и се согласи да учествува во европските избори во мај.
Засега мали се шансите Меј да добие поддршка во парламентот за договорот со ЕУ на гласањето закажано за вторник, но ако се случи тоа, Британија ќе остане членка на ЕУ до 22 мај, за да има доволно време да се усвојат потребните закони за повлекување од Унијата.

– Дванаесетти април е новиот 29 март – нагласи еден претставник на ЕУ.
Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, изјави дека одржал неколку средби со европските лидери за да обезбеди договор со Меј.
– Ова практично значи дека до договорениот датум, сите опции се отворени. Британската влада има избор меѓу брегзит со договор, без договор, долгорочно одложување или целосно откажување од брегзит – изјави Туск.
Прашан колку долго може да се одложи брегзит, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, само кратко изјави „до самиот крај“.
Францускиот претседател Емануел Макрон им изјави на новинарите дека ЕУ дејствувала за да ги заштити своите интереси како одговор на „вакуумот“ во Вестминстер.

– ЕУ јасно одговори на британската политичка криза. Британските политичари не се способни да го спроведат тоа што од нив го побара нивниот народ. Нивните граѓани гласаа за брегзит – изјави Макрон, кој, според извори во Брисел, рекол дека на Меј ѝ дава шанса од само пет отсто дека ќе добие поддршка за договорот од британскиот парламент.
Шпанскиот премиер Педро Санчез го опиша договорот во последен момент како „задоволителен за двете страни“, кој би требало да ги заштити институциите на ЕУ пред европските избори.

– За Шпанија тоа е добар договор. Ние сме во критичен момент во изградбата на Европа. Историјата ќе суди што ќе се случи во текот на наредните недели. Шпанските граѓани во Британија и Британците во Шпанија треба да знаат дека Владата е подготвена за хаотичен брегзит. ЕУ и шпанската влада приложија амандмани на договорот, но тоа повеќе не зависи од нас, туку од британската влада – нагласи тој.
Меј претходно не успеа во 90 минути да ги убеди другите европски лидери дека има план како да се избегне брегзит без договор. Таа побара одложување на брегзит до 30 јуни, за да има време да се усвојат неопходните закони ако успее да ја добие поддршката од пратениците на гласањето наредната недела. Но извори велат дека таа не успеала да ги убеди другите европски лидери дека има план што ќе прави ако пратениците и по третпат го одбијат договорот, по што тие морале да ги преземат работите во свои раце, со што всушност ја презеле и контролата врз нејзината политичка иднина, оценува „Гардијан“.

– Таа дури јасно не кажа ни дали организира ново гласање. Трипати ја прашаа што ќе стори ако не добие поддршка на гласање, но таа немаше одговор. Беше ужасно. Страшно – изјави неименуван соработник на еден од лидерите на ЕУ.
Кога лидерите ја прашале Меј што ќе стори ако нејзиниот договор биде одбиен, таа рекла дека ќе го следи планот А да го спроведе планот. Тогаш лидерите на ЕУ оцениле дека Меј „нема план и дека некој треба да ѝ понуди план“, нагласил истиот соработник.

Откако Меј ги напуштила преговорите, другите лидери на ЕУ почнале маратонска дискусија и по осум часа се согласиле за флексибилно одложување на брегзит.
– Овој модел е дизајниран за јасно да се нагласи дека брегзит без договор не е избор на ЕУ туку на Британија. Премиерката е подготвена за долгорочно одложување, но не сака да преземе одговорност за тоа – изјави дипломатски извор.

Лидерите на ЕУ првично размислувале да понудат само одложување до 22 мај, еден ден пред одржувањето на европските избори, под услов договорот на Мај да биде усвоен следната недела. Но поради сѐ поголемата недоверба во британската премиерка, тие решиле да дејствуваат против брегзит без договор за да му дозволат на британскиот парламент да ја преземе контролата.
Британската премиерка тврди дека одлуката на ЕУ им нуди на пратениците јасен избор: или ќе ја поддржат нејзината спогодба наредната недела и ќе овозможат брегзит со договор на 22 мај или таа ќе мора да се врати во Брисел со алтернативен план – брегзит без договор или некоја неодредена опција во временската рамка од две недели.

Таа не го повтори ветувањето што да го даде во парламентот дека како премиерка нема да поддржи долгорочно одложување, што ќе бара од Британија да учествува на европските избори. Многу пратеници оваа изјава ја протолкуваа како навестување дека таа ќе се повлече од функцијата наместо да дозволи долгорочно одложување. Но таа подоцна кажа дека верува оти е погрешно да се бара од граѓаните на Британија да учествуваат на европски избори три години откако се изјаснија за збогување со ЕУ. Меј истовремено се обиде да ја смири атмосферата откако многу пратеници гневно реагираа на нејзината претходна изјава дека тие се виновни, а не таа што не се исполнува волјата на народот, по што многумина побараа нејзина оставка.

Меѓупартиска група пратеници сега ја разгледуваат опцијата како да му овозможат на парламентот да ја принуди Меј на „помек“ брегзит или на целосно откажување на процесот на повлекување на Британија од ЕУ. Британските стопански комори исто така се здружија и побараа од Меј да го промени курсот, нагласувајќи дека Британија во моментот е соочена со вонредна состојба и дека премиерката мора да подготви план Б.
Портпаролот на премиерката изјави дека таа не прифаќа откажување на брегзит, иако така петиција за откажување на целиот процес собра речиси два милиони потписи за само неколку дена и го урна веб-сајтот на парламентот.