Трендот на доминација на дами во европските и во светските финансиски институции како да се пресликува и во Македонија, што остава простор за анализа дали женската рамноправност, особено кога станува збор за светот на финансиите, е стабилизирана состојба или е само одраз на трендовите на политичка коректност за правична родова застапеност на високите позиции

Неодамнешното именување на бугарската економистка Кристалина Георгиева за наследничка на француската адвокатка Кристин Лагард на челната позиција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и речиси истовременото назначување на Лагард за претседателска на Европската централна банка (ЕЦБ) веќе и не е сензација од аспект на постигнување „нова женска победа во светот на мажите“. Самиот факт што жена наследува жена на водечката позиција на една од главните светски финансиски институции ја депласира сензационалноста, но, сепак, остава простор за некаква анализа дали женската рамноправност, особено кога станува збор за светот на финансиите, е стабилизирана состојба, или само одраз на трендовите на политичка коректност за правична родова застапеност на високите позиции. Прашањето станува уште побитно со оглед на фактот што трендот на доминација на дами во европските и во светските финансиски институции како да се пресликува и во Македонија.

Имено, од пред извесно време на чело на Министерството за финансии е Нина Ангеловска, која на оваа позиција дојде од приватниот сектор, каде што, според упатените, направи и своевидна револуција, или барем модернизација со воведувањето и популаризирањето на е-трговијата во земјава. Таа е основачка на компанијата за е-трговија „Групер“. А уште и пред Ангеловска да стане министерка за финансии, на чело на други две важни финансиски институции во земјава веќе неколку години се дами, Анита Бежовска-Ангеловска, како гувернерка на Народната банка на Македонија, и Сања Лукаревска како директорка на Управата за јавни приходи. Претходно и двете имале солидна професионална кариера во институциите што ги раководат.

И покрај сите докази за професионалноста на жените на водечките позиции, вклучувајќи ги и финансиските, и понатаму некако се провлекува мислењето дека тие всушност, по некаков клуч, го освојуваат ексклузивно машкиот простор на доминација.

– Мора да се признае дека сѐ уште не е надминат стереотипот дека водењето на финансиите е машка категорија. Реално, мажите сѐ уште доминираат на водечките позиции во домашниот бизнис-сектор, а и на водечките позиции во банките има малку жени… Не сум сосема сигурен дали има промени, но долго време беше актуелна статистиката дека само два отсто од директорите во македонското стопанство се жени. Така што преземањето на државните финансии од страна на дамите е мал исчекор во поглед на поголема вклученост на жените во водењето на стопанството и интересен развој на настаните. Сепак, многу поважно е какви политики во стопанството и во финансиите ќе спроведуваат тие жени. Дали ќе продолжат со т.н. машки принцип на спроведување финансиски политики, или ќе воведат некоја почувствителна димензија во финансиите, бидејќи спроведувањето на неолибералните принципи, и во политиката и во финансиите, од страна и на мажи и на жени, политичари и бизнисмени, вообичаено значи страдање на тие што треба да го остварат профитот или да го наполнат буџетот. За квалитетен исчекор на жените што сега ги водат финансиите е важен квалитетот на политиките што ќе ги воведат, а не тоа да биде само биолошки, родов исчекор – вели економскиот аналитичар Здравко Савевски.
Разгледувајќи го прашањето дали сѐ понагласеното поставување жени на водечки позиции во светот на финансиите е само одраз на конечно согледаните нивни професионални квалитети или е форсирање одреден политички тренд за задоволување на коректната родова застапеност, професорката на културолошки и родови студии Лорета Георгиевска-Јаковлева е категорична дека на високите позиции на жените во политиката и во финансиите веќе не треба да се гледа како на невообичаена практика или како на мода.

– Без да го коментирам изборот на конкретни жени на високи раководни функции, би рекла дека радува зголемениот број жени на чело на значајни институции. Тоа треба да радува, од едноставна причина што машкиот и женскиот ум не се ограничени од родовата припадност. Свеста дека жените се еднакво способни како и мажите, доколку добијат шанса за солидно образование и негова практична примена низ работата, не остава простор за да се доживее како чудно или модерно именување жени на чело на важни институции. Проблемот го гледам во следново: дали именуваните функционери, без оглед дали се мажи или жени, се компетентни за функцијата што ќе ја извршуваат.

Но исто така важна е и способноста за организирање и менаџирање. Не помалку важни се и мотивите и еланот со кои некој ја прифаќа функцијата… Оттука, во 21 век, кога родовата еднаквост не смее да се доведува во прашање, главниот принцип за доделување одговорна функција на одредена жена е дали според резултатите од нејзината претходна работа можеме да бидеме сигурни дека таа добро ќе ја извршува функцијата – заклучува професорката Георгиевска-Јаковлева.

Нестабилниот свет на финансии, преоптоварен со различните политики, постојаните промени и растечката конкуренција, веројатно нема да им дозволи на овие жени да се опуштат во нивните зони на, за многумина, недостижниот комфор, туку тие ќе дејствуваат визионерски, ќе ги предводат трендовите и ќе бидат проактивни.