Владо Димовски

Јас сум невиден шетач. Особено во саботите, во некој трговски центар… Уживање! Ги вртам излозите, некогаш нешто купувам, некогаш само посакувам да имам нешто што не можам да го купам. Важно времето поминува. Најчесто прошетката ја завршувам со порција сладолед. Но вчера на излогот на една продавница со големи букви пишуваше попус. Да, попус. Првин помислив дека ненамерно погрешиле. Потоа еден од вработените дознав дека не знаат оти попус се пишува со т на крајот. ПОПУСТ. Ова е исто како да напишете јогурт без т на крајот. Верувајте и тоа се случува.
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!