Српскиот поет, книжевен критичар, есеист и издавач Гојко Божовиќ ја застапува тезата за дефицит од самодоверба на овие простори, што се огледува во неговиот впечаток дека Србија е една од ретките европски земји во кои преведените книги се почитани од домашните. На прашањето дали и на македонскиот пазар на книги ситуацијата е слична, нашите автори и проследувачи на книжевната сцена одговараат негативно. Тие сметаат дека домашната книжевност, благодарение на новата генерација македонски автори, сѐ повеќе добива на популарност

Во рубриката „Белешките на еден уредник“ (дел од културниот додаток на српски „Блиц“), српскиот поет, книжевен критичар, есеист и издавач Гојко Божовиќ ја застапува тезата за дефицит на самодоверба на овие простори, што се огледува во неговиот впечаток дека Србија е една од ретките европски земји во кои преведените книги се почитани од домашните.

– Веќе дваесет години одблиску следам како непрекинато опаѓа уделот на читаност на домашната книжевност на српскиот пазар на книги. Изборот на книги што некој од нас ги чита, се разбира, е неотуѓиво право, но треба да се преиспитаат причините поради кои домашната книжевност во изминатите дваесетина години ја изгуби улогата што со децении ја имаше во очите на читателите. Кога ќе ја погледнеме статистиката, истражувањето на пазарот или, пак, листите на најчитани книги, со сите сомнежи во релативноста на нивниот кредибилитет, лесно гледаме дека домашните книги на нив се појавуваат повремено, повеќе како исклучок отколку како правило, а речиси никогаш како мнозински дел на листите на најчитаните, сеедно што мислиме за уметничките вредности на тие книги – вели Божовиќ. На прашањето дали и на македонскиот пазар на книги ситуацијата е слична, нашите автори и проследувачи на книжевната сцена одговараат негативно. Тие сметаат дека домашната книжевност, благодарение на новата генерација македонски автори, сѐ повеќе добива на популарност.

– Поради хиперпродукцијата на наслови во превод, се добива впечаток дека странските автори се почитани од домашните. Во недостиг од статистика, вистината е некаде помеѓу. Вистина е дека во вкупниот обем на книги, најверојатно, преовладуваат преведените и тие, најверојатно, се и најизнајмувани во библиотеките. Но ретко кој странски автор доживува повеќе изданија во Македонија, додека дел од домашните автори сѐ почесто успева да стигне до втори, трети, па и четврти изданија. Тоа е сериозна работа. Толку сериозна што на секој нов тираж од наш автор треба да се радуваме како мало дете на гушка – вели Дејан Трајкоски, директор на литературниот фестивал „ПРО-ЗАБалкан“. Според него, исто така, важно е и прашањето дали нашите читатели посегнуваат по квалитетни книги или по лесни четива, независно дали се од домашни или од странски автори.

– Одговорот, секако, го знаеме. Кичот ја добива војната против квалитетот уште пред првиот испукан збор. А новите борби се водат по одамна изгубена војна – вели Трајковски. Авторката Ана Голејшка, како што вели, од она што го согледува, мисли дека кај нас сѐ почесто се поддржуваат и купуваат книги од домашни автори и тоа е за голем поздрав. – Преведените книги веројатно уживаат и некаква доза популарност, која е полесна за „голтање“, одошто да ѝ се даде шанса на домашната продукција. Но нештата се менуваат во позитивна насока и се надевам дека тоа ќе стане практика и во читателската култура, а не само тренд – вели Голејшка.

Давор Стојановски, кој ѝ припаѓа на новата генерација македонски автори, смета дека иако тоа кај нас донекаде е тренд, сепак, мисли дека за мала културна средина како македонската е очекувано да се чита повеќе преводна книжевност отколку домашна. – Наедно, таква мала културна средина како нашата да произведува толкав број книжевни дела е малку невообичаено, па, како резултат на тоа, најголем процент од објавените наслови од домашни автори, за жал, е сочинет од недоволно квалитетни дела. Сметам дека ненасоченото соочување на читателите со дел од таквите наслови придонесува до натамошна недоверба кон целокупната продукција – вели Стојановски.

Сепак, позитивен тренд е, како што додава тој, што во последно време читателите препознаа повеќе квалитетни авторски имиња, кои заслужено имаат сè поголема читаност, така што предрасудата кон домашните автори не е повеќе толку интензивна.

– Сепак, главниот проблем, според мене, не е дали се чита повеќе странска или домашна литература, туку каква литература се чита и, уште поважно, дали препознаваме што е добра литература – вели Стојановски. Светлана Камџијаш, авторка и професорка, вели дека порано мислела дека во нашата земја се чита пред сѐ странска (преведена) литература.

– Така и беше на времето. Но сега нашите автори се многу читани, доживуваат по неколку изданија. Тоа значи дека си ја цениме сопствената култура, но и дека авторите почнаа да се доближуваат до она што им треба и го посакуваат читателите, не се само книшки автори, туку пишувајќи за овој, отвораат нови светови – вели Камџијаш. Игор Анѓелков, автор, филмски критичар, косопственик на издавачката куќа „Или-или“, комплетно не се согласува со тезата дека сме една од ретките европски земји во кои преведената се чита повеќе од домашната литература.

– Не се согласувам со таа теза, бидејќи во последниве три-четири години многу почитани автори во „Или-или“ се домашните писатели, особено таа нова генерација што ние ја издаваме и поддржуваме и која веќе доби четири награди „Роман на годината“ – вели Анѓелков. Романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, издание на „Или-или“, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Инаку, како за споредба, во српската средина, според Божовиќ, дел од причините за помалата читаност на домашната литература треба да се побара во фактот дека во 2000-тите се објавуваат многу повеќе книги од порано, така што за сѐ помалиот број на читатели се борат сѐ поголем број на книги.

– Меѓутоа, таа причина би требало да се однесува во иста мера и на преведените книги. Важна причина, секако, е речиси целосниот пад на класичните облици на канонизација на домашната книжевност. Книжевната критика исчезна од влијателните медиуми или вегетира само во неколку медиуми, така што тој важен извор на информации и препораки на современата домашна книжевност исчезна од видокругот на читателите. Книжевните награди, тој втор значаен облик на канонизација, изгубија најголем дел од својот престиж, така што повеќе не влијаат на јавната судбина на книгата. Освен наградата на НИН за роман на годината, чие влијание станува сѐ понеизвесно, книжевните награди не влијаат на продажбата на книги, ниту суштински ја зголемуваат нивната јавна препознатливост.

Оставени без овие два силни извора на свој општествен престиж, домашните книги остануваат во сѐ потесните кругови на професионално интересирање и посветени читатели, што е добро за опстанок, но никако не е доволно за полн живот на една национална книжевност – вели Божовиќ. Според него, најчитаните домашни автори, сеедно дали се работи за врвна или треш-литература, повеќето ги вообличиле своите опуси и својата препознатливост во претходните околности во кои книжевноста имала неспоредливо поголемо јавно внимание и општествена улога. Токму тоа намалено присуство на домашната книжевност, вели тој, укажува на уште една предност на преведената литература, тоа што се преведуваат два вида книги – глобални мегахитови и книги на исклучително познати странски писатели.

Овие книги полесно доаѓаат до поширок круг читатели, бидејќи нивниот претходно потврден меѓународен успех е доволна гаранција. Во поширок контекст причината за тоа, според Божовиќ, е дефицитот на самодоверба. – Ако нашата економија не е успешна, ако нашата политика е од низок ранг, ако постојано се покажува неуспехот на нашето општество да изгради стабилни и отпорни институции, тогаш сѐ повеќе се верува дека ни нашите книги не може да бидат подобри од општествената ситуација во која настануваат. За среќа, тоа не е точно, но за да создаваме и да ги препознаваме големите дела во нашата културна современост, мора да веруваме дека сме способни за тоа. Само така ќе бидеме отпорни на предизвиците на популизмот и таблоидите, ниските стандарди и лоши вредности – заклучува српскиот автор.