Граѓаните на Србија не се оптимисти кога е во прашање решавање на косовскиот проблем и не очекуваат дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе потпише признавање на Косово. Србите не веруваат дека во најскоро време ќе се постигне договор со Приштина, покажало последното истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Фактор плус“.

На прашањето кое е најдоброто решение за српското население на Косово, половина од анкетираните се определиле за „замрзнат конфликт“, 32 отсто одговориле дека се за разграничување, а само осум отсто се согласуваат со признавањето на новата држава на Балканот. Високиот процент на тие што се залагаат за замрзнат конфликт е затоа што тоа не бара лично и национално одрекување, а на овој начин Косово би останало непризнаено.

За тоа како се чувствуваат во однос на косовскиот проблем, 61 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека се тажни, но за 46 отсто доминантно чувство е надежта.
Околу 46 отсто од Србите би го поддржале косовското решение зад кое би застанале и Русија, САД, ЕУ и Кина, но под услов тоа да остане во составот на Србија. Речиси половина граѓани (46 отсто) сметаат дека е малку веројатно дека Србија во разумен рок, од пет до седум години, ќе стане полноправна членка на ЕУ.