Фото: Маја Јаневска-Илиева

Канализацискиот систем е преполн со ѓубре, градежен шут, најлони, влажни марамчиња и разни други отпадоци, а тоа е проблем со кој многу години се соочуваат вработените во јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Речиси нема период од годината кога овој проблем не е актуелен, но сепак, акцентот е во летните и во есенските месеци, кога се реализираат повеќе градежни работи и кога се приготвуваат зимниците

КАНАЛИЗАЦИСКИОТ СИСТЕМ ТРПИ ПОРАДИ ЕДНА НЕОБИЧНА НАВИКА НА ГРАЃАНИТЕ

Стабилното суво и топло време не значи дека прекуноќ не може да ни се случат поројни врнежи од дожд, кои лесно можат да ги поплават улиците. Имено, токму тоа ни се случува со години и во периоди по подолг сушен период, кога летните поројни дождови ќе донесат наеднаш толку многу атмосферски талог, што ги преполнува атмосферските одводи, канали и канализација, при што за исклучително кратко време на површина излегува сето ѓубре фрлено од нас на непрописни места, загорчувајќи ни го секојдневниот живот со проблеми што, всушност, самите сме ги направиле.
Така, доколку канализацискиот систем е преполн со отпадоци на кои местото им е во канта за ѓубре, а не во канализацијата, тогаш истата приказна со горчлив вкус ни се повторува секоја година. Се чини дека неодговорното однесување на жителите на Скопје постојано трае, а во услови кога се случуваат поплавени улици, граѓаните се први да ги напаѓаат надлежните, за кои тврдат дека не си ја завршиле својата работа. Па, каде е одговорноста и каде е вината? Дали надлежните се должни постојано да апелираат и да објаснуваат, а граѓаните воопшто да не послушуваат и да не ги почитуваат основните правила за однесување како жители на град за кој сите милуваме да кажеме дека е европски?

ДА НЕ ГО ЗАГРОЗУВАМЕ СОПСТВЕНОТО ЗДРАВЈЕ

Канализацискиот систем е преполн со ѓубре, градежен шут, најлони, влажни марамчиња и разни други отпадоци, а тоа е проблем со кој многу години се соочуваат вработените во јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Речиси и да нема период од годината кога овој проблем не е актуелен, но сепак, акцентот е во летните и во есенските месеци, кога се реализираат повеќе градежни работи и кога се приготвуваат зимниците. Налето во канализацискиот систем честопати може да се најдат градежен шут, песок и други отпадоци на кои местото не им е таму, додека во есенскиот период граѓаните на големо ги фрлаат остатоците и ѓубрето од приготвувањето на зимниците.
Па, така, неодамна екипите на претпријатието во вечерните часови мораа да работат на чистење и одзатнување на главна фекална канализациска цевка во населбата Шуто Оризари, која била преполна со шут, песок, текстилни материјали и влажни марамчиња.
– За одзатнување на мрежата беа ангажирани две цистерни под притисок и вакуум и вакуум пумпа со голема моќност – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека ваквото неодговорно однесување на граѓаните мора да запре за да се заштити средината во која живееме.
– Опасноста од ваквото однесување не е закана само за канализацискиот систем, туку е закана и по животната средина и здравјето на луѓето, особено во период на зголемени дневни температури – велат оттаму.
Од претпријатието апелираат до сите корисници на услугите, во канализацијата да не фрлаат отпадни материјали што не се подложни на разложување, ниту предмети од домаќинствата и кабаст отпад, со цел заштита на системот, негово нормално функционирање и превенција од затнување и излевање на отпадната вода.
– Граѓаните да се однесуваат одговорно кон селекцијата на отпадот, негово рециклирање и правилно фрлање. Апелираме, граѓаните за фрлање на кабастиот отпад да се обратат до општинските комунални служби или до јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – потенцираат од „Водовод и канализација“ – Скопје.

ПОСТОЈАНО СЕ ФРЛА ЃУБРЕ ВО КАНАЛИЗАЦИЈАТА

Некои од жителите на Скопје велат дека дел од нивните соседи се однесуваат крајно неодговорно и фрлаат разни отпадоци во канализацијата.
– Имаме неколку соседи, кои навистина и покрај укажувањата продолжуваат да се однесуваат неодговорно. Ќе си ја отворат шахтата и фрлаат пелени од децата, паднатите лисја од дрвјата со црево ги упатуваат во системот, честопати и искосената трева и гранките од живата ограда завршуваат во канализацијата – вели Елена Димовска.
Според неа, се случувало дури и цемент да се фрла во канализацијата.
– Други соседи вршеа доградба на куќата, па остатокот од цементот го фрлија во шахтата. Неколкупати досега им укажуваме, но безуспешно. Сега, кога ќе дојде периодот на набавка на дрва за греење, остатоците од исцепените дрва повторно ќе ги фрлат во канализацијата, а наесен, пак, остатоците од приготвувањето на зимниците. Тогаш цела улица ќе ни биде во семки од пиперки, кои не завршиле во канализацискиот систем – вели таа.
Според неа, доста чест проблем е потоа кога ќе заврне, бидејќи затнатата канализација не може да ја собере надојдената вода, па се случуваат фонтани на улиците.
– Од претпријатието ништо не се виновни. Од почеток не треба ние вака да се однесуваме. А токму тие што најмногу ја затнуваат канализацијата, први се да плукаат дека надлежните не си ја вршат работата. Е па, не можат луѓето да дежураат и на секој еден човек да му објаснуваат зошто не смее да фрла ѓубре во канализацискиот систем – нагласува Димовска.

[email protected]