Законот за јавен ред и мир, што беше донесен пред две години, воведе драстични прекршочни казни за сексуалните работнички и работници и за нивните клиенти. Во претходниот закон максималната казна затвор изнесуваше 30 дена, а сега таа е минимална

Синдикатот на полицијата и полициските старешини предложиле легализација на проституцијата во Србија. Засега, за овој предлог нема официјални реакции од државните органи. Претседателот на синдикатот, Блажо Марковиќ, за ТВ Прва посочил три причини за озаконување на занимавањето со најстариот занает на светот.

– Првата е зачувување на здравствената состојба на населението. Втората причина е што со легализацијата на проституцијата би се пополнил државниот буџет, а во прилог на ова е искуството на другите земји. Третата причина е што инспекторите што сега работат на спречување на проституцијата, би можеле целосно да се ангажираат на откривање на трговијата со луѓе. Отежнувачка околност е тоа што полицијата располага со мали средства за извршување на својата активност – вели Марковиќ.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа за предлогот на полицискиот синдикат, односно дали да се легализира дејноста „сексуална работа“.

Марио Кнежевиќ, активист на невладината организација „Слобода на правата“, формирана по иницијатива од сексуалните работнички, се против легализацијата, но се залагаат за укинување на прекршочните санкции за занимавање со сексуална работа.

– Кога станува збор за проституцијата, во Србија имаме прохибиција, што е еден од најлошите модели. Таа се води како прекршок, но ако за тоа се оди во затвор, тогаш тоа е криминализација, што земјата ја става на ниво со арапските земји, САД и Куба – вели Кнежевиќ.

Законот за јавен ред и мир, што беше донесен пред две години, воведе драстични прекршочни казни за сексуалните работнички и работници и за нивните клиенти. Во претходниот закон максималната казна на затвор изнесуваше 30 дена, а сега таа е минимална. На жените што се занимаваат со проституција им се изрекуваат пресуди од 30 до 60 дена затвор или од 50 до 150 илјади динари (односно од 400 до 1.200 евра).