Повикот на самопрогласениот претседател Хуан Гваидо до венецуелската војска беше неуспешен, бидејќи голем најголем дел офицери и војници и натаму се лојални на актуелниот лидер на земјата Николас Мадуро, оценува Асошиејтед прес

Политичката криза во Венецуела ја зеде првата жртва, откако едно лице е убиено во судирите помеѓу приврзаниците на опозицискиот лидер Хуан Гваидо и безбедносните сили во Каракас. Најновите демонстрации против актуелниот претседател Николас Мадуро беа помалобројни, и покрај најавите на Гваидо дека се работи за најголеми протести во историјата на земјата. Асошиејтед прес оценува дека повикот на самопрогласениот претседател до венецуелската војска беше неуспешен, бидејќи голем најголем дел офицери и војници и натаму се лојални на Мадуро. Демонстрантите, како што јавуваат светските медиуми, се разочарани од фактот дека војската не застана на нивна страна за да им помогне во соборувањето на актуелниот лидер на Венецуела.

Министерот за одбрана Владимир Падрино Лонес изјави дека Владата ја задуши желбата на опозицијата за извршување државен удар, додека, пак, претседателот Мадуро на својот профил на Твитер објави дека раководството на националната војска му гарантира целосна лојалност. Претходно, обвинувајќи го Гваидо, Мадуро најави дека против него ќе биде поднесена кривична пријава.

Според Си-ен-ен, ситуацијата ескалира откако околу претседателската палата се собрале приврзаниците на Мадуро, за да го заштитат од обидот за напад. Во меѓувреме, регистрирани се и првите оружени судири помеѓу опозициските симпатизери и венецуелските безбедносни сили.

Геополитика оценува дека од успехот или неуспехот на финалната фаза на операцијата „Слобода“, како што ја именуваше Гваидо, зад кого отворено стојат САД, ќе зависи судбината на Мадуро, но и на цела Венецуела. Тоа, како што наведува порталот, добро го знаат и сите клучни надворешни играчи, директно или индиректно вмешани во оваа голема криза, и затоа тешко е да се очекува дека таа ќе заврши брзо и без жртви.

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео во интервју за Си-ен-ен изјави дека е убеден оти рускиот противракетен систем „с-300“, со кој располага венецуелската војска, не ги спречува САД да извршат воена интервенција против Мадуро.

– Ако претседателот на САД донесе таква одлука, американските војници ќе имаат можности да ја извршат на начин што ќе дозволи постигнување на посакуваните резултати – порача Помпео.

Истовремено, советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Џон Болтон, ги повика војската на Венецуела и граѓаните на оваа земја да го соборат Мадуро од власт.

– Ова е критично важен момент за вашата историја, дали можете повторно да добиете слобода и да ги отстраните Мадуро и неговата група на клептократи – истакна Болтон на Твитер.

Тој дури и го обвини венецуелскиот претседател дека се крие во воен бункер, и покрај фактот дека Мадуро им се обрати на толпите приврзаници на улиците, обраќање што беше пренесувано во живо на домашните медиуми и на социјалните мрежи. Во обраќањето тој им се заблагодари на граѓаните на Венецуела за тоа што одговорија на неговиот повик и го спречиле новиот обид за државен удар.

Од друга страна, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, ги оцени како лажни тврдењата на Помпео за тоа дека Русија наводно го разубедила Мадуро од бегство од Венецуела.

– Вашингтон со сета сила сака да ја деморализира венецуелската војска и сега користи лажни вести како дел од информациската војна – изјави Захарова.

Помпео претходно истакна дека Мадуро сака да побегне во Куба, потсетува американската телевизија Си-ен-ен.

[email protected]