Полесното

Таа филозофија на полесното си има и свој современ, технолошки бог што полека од неа прави – религија и вера, а не само филозофија. Луѓето не само што мислат така, туку и веруваат во исправноста на таа филозофија. Тој Бог, тој тотем околу кој во магиски шамански транс играме танц како најсовремени примитивци од чип-ерата на Бил Гејтс е – магичниот збор ПРЕБАРУВАЧ

Полесното. Она што нема да ме замори, а ќе даде резултат (таблети за слабеење наместо гимнастика). Она што нема да бара труд, а ќе донесе пари (рентирање, лихва). Она што подразбира да не се прават непотребни движења. Или: „Поарно ќе лежам одошто да работам џабе“. Човек на најлесен начин треба да помине низ животот – од градинка до работно место. И уште: сè што можеш денес, префрли го за утре. И сѐ што мораш ти – префрли му го на друг.

Овие телеграфски исечоци (ајде да бидам и јас проевропски англиканизиран интелектуалец – овие „флешови“ и „хајлајти“) ја изразуваат доминантната филозофија на времето во кое живееме – филозофијата на полесното. Тоа е филозофија на личниот егоистичен минимализам, кој ја подразбира шопенхауеровската дефиниција на себичноста („Сè за мене и ништо за другите“), во комбинација со минимализмот на личната загуба: со минимум залагање – максимални резултати. Тоа е во суштина, капиталистички однос кон духовните нешта, зашто во центарот на тој однос се наоѓа експлоатацијата на другиот. Оваа филозофија на полесното раководи со сите наши постапки на речиси сите полиња на нашите животи – од тоа најлесно да се протнеш во редот и да не чекаш, до тоа на најлесен начин да завршиш факултет или да магистрираш. „Зошто да учам темелно, дај шестка, кога и онака нема работа“ е само една од практичните максими на филозофијата на полесното.

Таа филозофија на полесното си има и свој современ, технолошки бог што полека од неа прави – религија и вера, а не само филозофија. Луѓето не само што мислат така, туку и веруваат во исправноста на таа филозофија. Тој Бог, тој тотем околу кој во магиски шамански транс играме танц како најсовремени примитивци од чип-ерата на Бил Гејтс е – магичниот збор ПРЕБАРУВАЧ. Од него истекуваат и во него се слеваат сите праксеми на филозофијата на полесното. Пример: моите студенти сакаат да знаат што е „метонимиска реификација“. Отвораат Гугл, впишуваат „метонимиска реификација“, пребарувачот им го наоѓа истиот оној цитат од книгата „Фикциска вистина“ на Мајкл Рифатер што во мојот печатен примерок е потцртан со молив. Но, пребарувачот не им го дава она што претходело во книгата за да се дојде до таа дефиниција. Не им ја дава целината; тоа е парцијално „знаење“ без контекст, иако изгледа дека им се дава „на послужавник“ она што им треба. Се разбира, во прашање е илузија – да знаете што е „метонимиска реификација“, а да не знаете што е „метонимија“, а што „реификација“, е исто што и да ја јадете дупката од ѓеврекот. Да имате знаење, а да немате контекст за него – тоа значи да немате знаење, туку само информација.

Нашата доба ги замени овие два поима – знаење и информација. Денес, за оној што има информација се вели дека знае, што е далеку од вистината. Се сменија, очигледно, епистемите. Знаењето, од систем на поврзување на информациите, кои треба да ги поврзе оној што учи, и од нив да создаде хиерархизирана структура што го претставува НЕГОВОТО знаење за таа работа, стана обичен агломерат на информации. Агломерат: множество неповрзани елементи, кои се натрупуваат и преклопуваат без никаква меѓусебна логичка врска. Затоа, денес сите „знаења“ од некоја област личат едни на други како јајце на јајце – а особина на вистинското знаење е токму неговата специфична персоналност. Ако знаењето е поврзување на информациите, тогаш тоа може да го направи само интелигенција, и токму таа лична интелигенција му дава на тоа знаење лична боја. Обичното помнење на информациите, кое денес се смета за знаење, му е својствено и на шимпанзото (кое помни дури и подобро од човекот). Па и зборот „intelligo“ на латински значи токму – поврзување. Вистински знае само оној што поврзува, а не оној што добива информации на еден клик на „пребарувачот“.

Погледнете ги магистерските и докторските трудови сработени според западниот урнек на Болоњската декларација – освен соопштување релевантни информации, кои ви ги наоѓа пребарувачот без ниту една интелектуална калорија ваш труд, ретко ќе најдете вистинско научно истражување, онакво какво што е опишано во книгата „Логиката на научното откритие“ на Рудолф Карнап. Затоа, овие научни трудови сите личат еден на друг. И сите „вријат“ од фусноти и библиографски единици, па се претвораат во натпревар „кој повеќе прочитал“ (ако воопшто пребарувањето на Гугл може да се нарече читање), што понекогаш создава трагикомичен ефект – во една таква магистратура избројав 117 библиографски единици (книги), на пет светски јазици (а знам дека кандидатот владее само со еден). Исто така, знам дека кандидатот имаше само три семестра време и за читање и за пишување; тоа значи дека читал по 40 книги на семестар, односно 13 книги месечно, или на два дена по една. Гении.
Постојат дури и луѓе што веќе не одат на лекар, туку се лекуваат преку „пребарувач“. Ќе ги впишат симптомите, ќе добијат „мени“ од можни болести, а потоа со логичко расудување (без учење медицина) ќе си определат дијагноза и терапија. Сам свој лекар. Пребарувачот е домашен лекар, полесно е така.

Така стои таа работа со филозофијата на полесното на полето на науката, образованието и здравството. Но, и на полето на медиумите, таа филозофија остави катастрофални последици. Имено, нè научи дека лесно е од лагата да направиш вистина, како и од вистината – лага. И дека полесно е првото од второто. Полесно е да докажеш дека неталентираниот е гениј, отколку дека Достоевски е идиот. Токму затоа и луѓето на нашето време многу повеќе се занимаваат со првото одошто со второто – на дело е масовна фабрикација на лажни вредности како вистински (лажни пророци, лажни писатели, лажни филантропи, лажни хуманисти, особено во политиката). Таа фабрикација на „псевдооригинали“ се одвива со нескриена и материјална и интелектуална поддршка од Запад, со што ЗАПАД докажува дека, иако е во зрела доба според економскиот расцут, веќе е на претсмртен одар што се однесува до моралот и филозофијата. На дело е правење вистини од ноторни лаги, и тоа се користи за морално урнисување на луѓе, семејства, групации и цели народи. Најмногу тука настрада новинарската професија: од чесна гилда, поради новинарите со слаба морална структура, таа се престори во платен клан за отстрел на идеолошки неистомисленици. Со тоа, новинарите всушност почнаа да се занимаваат со политика повеќе и од политичарите. Од друга страна, наместо новинарот да биде човек што собира точни, проверени и проверливи информации, тој стана одеднаш човек-ЗНАЛЕЦ во сите области. И тоа е логична последица на бркањето на поимите знаење и информација.

И во политиката се гледа таа филозофија на полесното како доминантен пристап кон секој проблем. Пример: Македонија е престорена во огромна судница. Секој ден по некој процес за некој криминал од „претходниот режим“. Но: полесно е да санкционираш криминал кај другиот, одошто кај себе, како што полесно се гледаат грешките на другите одошто сопствените. За сопствените се нема свест, како што немаме свест за сопствената тежина додека се движиме, а имаме свест за туѓата тежина кога носиме некого на грб. И во политиката го правиме она што е полесно: полесно е да попуштиш на уцени, одошто да издржиш на своето. Полесно е да добиеш странски леб одошто да испечеш домашен.

Полесното, насекаде. Полесно е да ласкаш одошто да критикуваш. Полесно е да урнеш некој ближен одошто да се изградиш себеси. Полесно е да молчиш одошто да говориш. Прашање за крај: до каде имаме право да си го олеснуваме животот? Ми текнува, иронично на поуката на теолозите – страдањата и „тешкото“ се пожелни, зашто со секое страдање, според нив, ни се отпишува по некој грев. Нам, очигледно, никакви страдања и тежини не ни се потребни, затоа што – немаме гревови. И затоа, како безгрешни, имаме право на Богот на полесното.