проф. д-р Кирил Темков

Основното за секого е тоа што постои. Но најумните луѓе секогаш посочувале дека е важно човековото постоење да биде човечно, животот да има добри својства.
Секое време и положба имаат свои етички поуки и барања, во кои се препознатливи човештината и силата на опстојувањето. Кога има тешкотии најважно е да се истрае. Во добри ситуации не треба да има празно гордеење. Кога се има не смее да се фрла, во борбата за слобода секој ги почитува хероите, а во мир најдоблесно е да не се повредува друг. Значи, секогаш треба да се чувствува и да се прави нешто позитивно.
Денес е особена епоха за човештвото, напредокот е општ на разни полиња и во целиот свет. Во стабилните и уредени држави луѓето не се многу загрижени за опстанокот, имаат доволно средства за живот, можат да се развиваат и да дадат придонес кон животот на заедницата. И во таква ситуација е најважно да се има позитивен став и да се избегнува негативниот однос кон животот. А таму каде што ситуацијата е тешка, таму позитивниот однос е услов за живеење и за прогрес.

Позитивниот однос значи на животот да се гледа со радост, со согледување на добрите страни, со истакнување на добрините и на убавините. Тоа значи да се има насмевка на лицето, кон нештата да се однесуваме со почит и заинтересираност, другите луѓе да ги прифаќаме како рамноправни и ближни. Треба да се прави сѐ да ни биде добро и пријатно и нам, и на другите. Позитивниот однос има бела боја.
Негативен однос значи да се негира вредноста на животот, да се истакнуваат неговите негативни, лоши страни, да се отфрла можноста за среќа, да постои сомневање во својот успех, да не се верува во можноста за добра состојба. Лицето е намуртено, за нормалните пречки и тешкотии се обвинува судбината и на сѐ се гледа црно. Не се презема ништо за да се направи нешто добро, за себе и за другите. Бојата на негативниот однос е црна.

Поговорки за позитивниот однос кон животот: „сѐ е добро и може да биде подобро“, „и утре има ден, кој нѐ очекува со својата светлина да ни понуди радост“, „по зимата доаѓа пролетта“, „по тагата пак ќе запееме“, „по лошиот резултат и пораз ќе дојдат и нашите остварувања и победи…“

Поговорки за негативниот однос кон животот: „ништо не е добро и нема да биде подобро“, „по денот се заканува ноќта“, „по радоста на летото доаѓаат студот и бедотиите на есента и зимата“, „по секоја победа доаѓа пораз…“
Позитивниот однос и денеска, како и секогаш, е поважен и поправеден од негативниот!


Етичка мисла

Ако мислиш и правиш добро, ќе ти биде добро, ако мислиш и правиш зло, ќе ти биде лошо!

Индиска поговорка