На апелите на уметниците учесници на фестивалот „Охридско лето“ за спас на Охрид и неговото езеро, односно за зачувување на статусот на град под патронат на УНЕСКО (Александар Попоски, Влатко Стефаноски, Дуке Бојаџиев), викендов се приклучи и самата институција, влијателна гранка на Обединетите нации. Преку Светската академија за поезија на УНЕСКО, со седиште во Равена, а во организација на Македонската академија на науките и уметностите и општината Охрид, во присуство на голем број членови на МАНУ, дипломати, универзитетски професори, поети и други љубители, во Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид, беше одржана уметничка вечер „Поетите за Охрид“.

Поезија читаше, песна специјално напишана за поводот, поетот од Белград Мајо Даниловиќ, член на Светската академија на поезијата и претседател на Одделот за словенскиот свет. Тој пренесе поздрави и специјална порака во прилог на заштитата на универзалните вредности на Охрид, испратени од генералната секретарка на академијата, Лаура Троиси.
Официјално обраќање, во името на градот, имаше претседателката на градскиот совет Живка Ангелеска.

– Случајно или не, УНЕСКО и поетите, односно МАНУ, во рамките на „Научната и уметничка визита – Охрид“ осмислиле да го кренат својот глас против загрозувањето на Охрид, токму на Денот на свети Климент Охридски, патронот заштитник на Охрид. Во таа функција е и овој настан и јас верувам дека уметноста, уметниците, сликарите, музичарите, поетите и сите други можат да помогнат да се спаси убавината на светот, во нашиов случај – убавината и светоста на Охрид – истакна Ангелеска.