Подгреана бриселска чорба

Емануел Макрон, како добар познавач на „француската кујна“, им приреди изненадување за балканските гости. Со неговото вето за доделување датум за Македонија и Албанија, им го растури расположението на балканските водачи, кои имаат неограничена желба да седнат на големата европска трпеза

Мора да им било многу тешко на балканските лидери на последната и проштална вечера во Брисел, која им ја приготви Федерика Могерини, високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, по повод завршување на функцијата. Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ најдобро го објасни чувството на националните водачи од шесте земји на Западен Балкан, за кои рече дека биле „разочарани“ од тоа што им било понудено на менито во некој од луксузните ресторани во европската престолнина. Ова во гастрономската терминологија би значело дека на политичките лидери на Балканот им била понудена „подгреана вечера“, која тие спротивно на нивната волја и вкус, морале да ја проголтаат насила, за да не се навреди нивната домаќинка.

За ваквата атмосфера на вечерата кај Могерини, најзаслужен е францускиот претседател Емануел Макрон, кој како добар познавач на „француската кујна“ им приреди изненадување за балканските гости. Со неговото вето за доделување датум за Македонија и Албанија за почнување преговори за зачленување во ЕУ, им го растури расположението на балканските водачи, кои имаат неограничена желба да седнат на големата европска трпеза. Наместо тоа, тие се принудени да седат на соседната маса, исто онака како што седат и децата на големите семејни собирања, за да не им пречат на возрасните, додека уживаат во јадењето и прават големи планови за иднината.
Што е тоа што оваа вечера ја прави поразлична од сите претходни на кои главна тема на разговор биле земјите од Западен Балкан? Ако порано тие завршувале со заложбите и ветувањата за идно интегрирање на овој регион во европската заедница, сега тие се заменети само со искажување оптимизам за продолжување на внатрешните реформи во земјите, без да се гарантира нивно полноправно членство во ЕУ.

Најзначајна разлика се состои во тоа што првпат некој од земјите-членки на Унијата, во овој случај Франција, отворено и без ракавици порача дека нема отворени врати за земјите од Балканот. Со тоа се растури и сонот на балканските народи дека еден ден ќе бидат дел од заедничка Европа.

Последните случувања околу недобивање датум на преговори за Македонија и Албанија ги исфрли на површина сите проблеми со кои се соочуваат Европската Унија и земјите од Балканот, а кои долго време се ставаа под килим. Професорот на политичките науки на Католичкиот универзитет во Лил, Лоик Трегурес, остро ја критикуваше политиката на Макрон за замрзнување на приемот на новите членки, додека ЕУ не се реформира однатре. Тој потсетува на однесувањето на Франција, која историски е ненаклонета кон проширувањето уште од приемот на Британија во седумдесеттите и на Шпанија во осумдесеттите години од минатиот век. Причината за тоа е што на овој начин слабее влијанието на Париз и има разводнување на проектот на ЕУ во однос на тоа како таа го замислува. Се покажа дека Германија подобро ја искористи можноста за заедничкиот европски пазар и проширување на границите кон истокот со интеграцијата на поранешните комунистички соседни земји.

Македонската влада предолго се возеше на приказната за добивање датум и со тоа создаде преголеми и нереални очекувања кај граѓаните. Со негативниот одговор од Париз на актуелната власт ѝ се исфрли единствениот адут, со кој се бранеше постигнувањето на Преспанскиот договор што резултира и со промена на уставното име на државата

„Добрата“ страна од ваквиот развој на настаните е што тежиштето во процесот на зачленување на балканските држави е ставен на локалните политички раководства. Пораката од Макрон дека не е нужно секоја соседна земја да стане и членка на Европската Унија, недоволно беше сфатена од балканските влади. Професорот по историја и политика на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац Флоријан Бибер забележува дека „пристапот на блокот кон Западен Балкан одамна се потпира на зависноста од пристапувањето во ЕУ како главен – а понекогаш и единствен – поттик за решавање на отворените спорови“. Тоа се гледа и низ примерот за спорот меѓу Косово и Србија, каде што дијалогот со Брисел е воден од ветувањето дека ако и двете земји ги нормализираат односите, ќе се отвори нивниот пат кон членство во ЕУ. Ваквиот начин на дејствување не функционира пред неколку години, поттикнато од разговорите за промените на границите и неизвесноста околу тоа дали петте членки на ЕУ, кои не го признаваат Косово, ќе се премислат некогаш. Особено што и самиот српски претседател Александар Вучиќ не гледа голема мотивација во тоа да го признае Косово за возврат на добивање членство во ЕУ, во некое идно и неопределено време.

Лекцијата од Брисел што треба да им се даде како домашна задача на балканските политичари е спроведување сеопфатни реформи во матичните земји, без тие да им даваат лажни надежи на граѓаните со добивање датуми за формални преговори за зачленување во ЕУ. Ова, пред сѐ, се однесува и за македонската влада, која предолго се возеше на приказната за добивање датум и со тоа создаде преголеми и нереални очекувања кај граѓаните. Со негативниот одговор од Париз на актуелната власт ѝ се исфрли единствениот адут, со кој се бранеше постигнувањето на Преспанскиот договор што резултира и со промена на уставното име на државата.

Без разлика на сѐ, на регионот му е потребна дополнителна поддршка за да ги спроведе неопходните реформи и да го стигне темпото на ЕУ. Нудењето алтернативи за нови регионални соработки и поврзување на балканските земји, типот на „балкански шенгенски зони“, за давање статус на стратегиски партнери со ЕУ или, пак, примена на норвешкиот модел за добивање постапни економски поволности до формалниот прием или враќање на постапките за прием во ЕУ, доколку земјите не остварат некои од предвидените цели, засега се само најави и размислувања на одредени политички центри, без некое силно влијание за спроведување на внатрешните реформи. Се чини, сето тоа е дел од намерите да им се понуди нешто на граѓаните од Балканот, што неволно би го проголтале, како замена за зачленување во ЕУ, каде што со еднакво право ја гледаат својата иднина.