Задоволен сум од начинот на кој ја кревам формата, се чувствувам одлично и подготвено го чекам мојот настап на СП, вели Исмаил

АЗИЗ ИСМАИЛ – ПОВЕЌЕКРАТЕН МАКЕДОНСКИ ПРВАК, РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ, ЧЛЕН НА КК МЕТАЛУРГ

Тринаесет години е во каратето. На татамите во Металург стапна на девет години, а таму е и денес. Дипломира на Факултетот за туризам и менаџмент, но каратето остана негова голема љубов. Светското првенство (СП) во Мадрид (Шпанија), кое почна вчера, е второ во неговата кариера, по она во Џакарта (Индонезија) во 2015 година. Актуелниот шампион на Македонија во борби, Азиз Исмаил (23), боите на Македонија ќе ги брани во категоријата до 75 кг, во конкуренција на 89 натпреварувачи. Секогаш е подготвен за големите предизвици.

– СП е од големо значење за мене. Се подготвував осум месеци, речиси во текот на целата година. Задоволен сум од начинот на кој ја кревам формата, се чувствувам одлично и подготвено го чекам мојот настап во Мадрид. Постои мала трема, но тоа е нормална појава, особено кога станува збор за најголемиот карате-спектакл годинава – вели Исмаил, носителот на сребро од ЕП за јуниори во 2011 година, бронза на ЕП за региони во 2013-та и на Светскиот младински куп (до 21 година) во 2015 година.

Трикратниот сениорски првак на Македонија верува дека ќе се покаже во светло издание против своите конкуренти во Мадрид, а и дека Македонија има шанси да се врати со медал(и).

– Се надевам дека ќе го покажам тоа што го умеам во овој спорт, односно она што го тренирав напорно изминативе месеци, придружуван од мојот клупски тренер Мирче Јанушевски, кој за сето време беше со мене и безрезервно ме поддржуваше што подобро да се подготвам пред настапот во оваа силна конкуренција. Во репрезентацијата има добри и подготвени каратисти, кои се способни да стигнат до медал, само што патот дотаму ќе биде многу тежок – рече Исмаил, за кого сите досегашни успеси се резултат на неговата голема посветеност, професионалност и секојдневна работа што ја вложува на татамите, како и поддршката што ја има од родителите, пријателите, клупските тренери.

Исмаил го кажа својот став и за тоа дали ќе биде дел од ЛОИ во 2020 година.

– Прерано е да се каже за ЛОИ во Токио, меѓутоа бодувањето веќе почна, а токму ова СП може да се покаже и клучно за настап таму – вели Исмаил, кој е носител на злато на Балканијада (до 21 г.), а во 2016 и на сребро на ЕП за јуниори (до 21 год.).