За користење на еврото како официјална парична единица во Црна Гора е потребно да се исполнат петте мерки што се содржани во поглавјето 17 за економската и монетарната унија, а кога ќе биде тоа завршено, засега не се знае, изјави Милица Килибарда, шефица на Работната група за преговори со ЕУ, за делот на монетарната политика.

Во сите досегашни документи на Европската комисија се нагласува специфичноста на Црна Гора во врска со користењето на еврото, кое од 2002-та се користи како средство за плаќање.

– Европската комисија нагласува дека користењето на еврото во Црна Гора во целост се разликува од членството во еврозоната. Црна Гора сака да го задржи еврото како законско средство за плаќање, но разбира дека пристапување во ЕУ не значи и автоматско пристапување на еврозоната и евросистемот – објаснува Килибарда.

При отворањето на поглавјето 17, комесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека ЕУ во текот на преговорите ќе го утврди начинот на примена на постојната рамка за воведување на еврото во случајот со Црна Гора. Хан спомна дека ЦГ, по пристапување во ЕУ, би можела да продолжи да го користи еврото, под услов со тоа да не се загрозат нејзината економска стабилност и конкурентност.

– Како мерка за затворање на поглавјето 17 е Црна Гора да се согласи со решението што го нуди ЕУ во поглед на начинот на промена на европската рамка за прифаќање на еврото – вели Килибарда.