Владо Димовски

Имам пријателка што сѐ запишува. Ако излезе да пазарува, кај неа никогаш нема импровизација. Сѐ ѝ е стокмено, напишано на ливче… Леб, три-четири домати, сок од јаболка. Мене само ме кара, демек не сум бил одговорен, сум трошел многу пари на глупости, сум бил еден од најголемите недомаќини, ќе ме оставела Милица моја… Нонстоп ме предупредува, ме учи како да се организирам, ама ништо. Поново сум бил истиот. Тоа е, таков сум. Но време е да го извадам зборот поново. Поново во конкретниот случај е повторно. Повторно сум бил истиот. Така е правилно, драга пријателке.
За крај да ве расположам со еден афоризам: Не постои пат кон среќата, среќата е… патот!
Со арно, со убаво.


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!