Во ерата на социјалните медиуми, вашите објави на Фејсбук и на Твитер може да одлучат што ќе се случува на бојното поле

На 18 ноември 2014 година беше упатено веројатно најчудното барање во политичката историја. „Фотографијата во средина е преземена од унгарски порнофилм. Престанете да користите лажни фотографии за да ги ’намамите’ луѓето да ѝ се приклучат на вашата пропадната кауза“, гласеше твитот. Овој твит од сега веќе нефункционален профил на Твитер на Стејт департментот фрли поглед кон еден нов фронт во иднината на војувањето – тролањето.

Пораката беше резултат на напорите на Стејт департментот од 2011 година да следи и да спречи терористичка пропаганда, прво од Ал каеда, а потоа од Исламска држава, која се разви од нејзините остатоци во Ирак. Кампањата можеби дејствуваше рационално, ама набрзо имаше контраефекти. Наместо да ја поддржат борбата против екстремизмот на Интернет, корисниците на Твитер толку ги преплавија со прашања бирократите од Вашингтон, кои управуваа со профилот, што тие не можеа да постигнат да дадат одговор. На пример, еден твитерџија праша од каде Стејт департментот знаел дека станува збор за унгарски порнофилм, а друг се надоврза дека е многу чудно што Стејт департментот се разбира во унгарски порнофилмови. По лавината критики, Стејт департментот реши дека американската влада не треба да се меша на социјалните медиуми и дека е подобро да се држи до воздушните напади, па го укина твитер-профилот.

Битката за Мосул беше еден од најпренесуваните конфликти во живо на Интернет: ирачки војници се снимаат со превртено знаме на Исламска држава

Ваквите сомнежи денес се застарени. Во ера во која претседателот Доналд Трамп не само што дојде на власт со вештата употреба на истиот медиум, туку и го искористи за да го отпушти првиот државен секретар, полека исчезнуваат старите навики дека Владата треба да се издигне над кавгите на социјалните форуми. Фејсбук, Јутјуб и Твитер станаа главни боишта за политиката, војната, па дури и за самата вистина. Социјалните медиуми станаа една арена во која виралноста, брзината на ширење на пораката, е поважна од нејзината веродостојност. Во овој домен, вниманието е моќ. Ако добиете доволно внимание, можете целосно да ја промените реалноста.
Пред една генерација, новата идеја за она што се нарекува „сајбер-војна“, односно хакирањето мрежи, почна да го внесува конфликтот во нова сфера. Денес, тоа го викаме „војна на лајкови“, односно хакирањето луѓе и идеи на тие мрежи, што го обележи пресвртот во променливата природа на војувањето.
На прв поглед, многу од овие битки што се водеа на социјалните медиуми можеби повеќе личат на пропаганда и честопати смешна верзија на неа, како тинејџерско „тролање“ само на светската сцена. На пример лани во август, официјалниот профил на Твитер на украинската влада ја нападна Русија со тоа што ја исмеа со „гиф“ од „Саут парк“. Во јуни годинава, израелската амбасада во Вашингтон одговори на страшната закана на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, со монтажа од филмот „Злобни девојки“. Во мај годинава, американските воздухопловни сили се шегуваа со воздушните напади во Авганистан, а талибанците возвратија со исмевање на забранетата љубовна врска на поранешниот американски командант Дејвид Петреус.
Целта на ваквите актери не е само да се шегуваат на туѓа сметка, туку да ги исмеат своите непријатели и да го наметнат нивното влијание во свет каде што контролата на Интернет може да добие вистинска моќ.

Сепак покрај сè, има посериозна страна на конфликтот, а неговата муниција се фотографии од вистински битки. Денес, се следи речиси сѐ, од изборните кампањи до војните.
Некои дури и се намерни: самослик направен среде битка, набљудувачи што ги следат настаните со паметните телефони в рака. Други се слики во заднина, без разлика дали се слики од далеку или други информации во дигитална средина, од геолокација на тајните објекти на ЦИА, што ги откриле чуварите преку употребата на апликации за вежбање до метаподатоците што се вклучени во секоја објава на Интернет. Резултатот е што дури и најмалите оружени борби ги следи светската јавност, додека терористичките напади се објавуваат во живо од самите напаѓачи. Разузнавачките аналитичари на отворени софтвери ги користат токму овие дигитални траги за да откријат нови тајни, документираат воени злосторства, кои обично се прикриваат или се оценува силата на непријателските формации што обично би била незабележана. Ова има свои добри и лоши страни. Терористите ги користат овие информации за нови регрутирања, а активистите за човекови права ги користат за да ги прикажат страдањата на обичните граѓани што се нашле во некаков конфликт па дури и ги организираат спасувањата. За време на битката за Мосул во 2016 и во 2017 година, која е најпренесуваната борба во живо во историјата, се користеа најмногу хаштази, а илјадници виртуелни набљудувачки со нетрпение чекаа да добијат некаква информација за истовремено да ја спинуваат за разни цели.

Овие битки, кои се одвиваат во дигиталните сенки, не се само за откривање тајни, туку и за криење на вистината, па дури и за манипулирање со луѓето на секаков начин. Руските лажни профили и т.н. ботови завршија многу голема работа во американските претседателски избори од 2016 година. Тие користеа комбинација на стари информациски операции и нови техники од дигиталниот маркетинг за да поттикнат протести во реалниот свет, да влијаат врз американските медиуми и врз гласачите во едни од најтесните избори во современата историја. Користејќи само средства на Интернет, тие толку многу се инфилтрираа во американските политички заедници што дури и самите американски гласачи за кратко време почнаа да ги повторуваат сценаријата напишани во Санкт Петербург и сè уште мислат дека се нивна лична замисла. На меѓународната сцена, овие руски информациски офанзиви ги поттикнаа чувствата против НАТО во Германија, со тоа што прекуноќ создадоа насилства, дадоа повод за можни инвазии на Естонија, Летонија и Литванија со подгревање на политичката нетрпеливост кон руските малцинства и истото тоа го сторија со реалната инвазија на Украина. Ова се само операции што се веќе добро познати.

Ваквите онлајн-судири можеби се незначајни во споредба со вистинските борби со вистински оружја, но тие сега стануваат неважни. Како што истакна лани на една воена конференција, бившиот командант на Здружената команда за специјални операции, генералот Стенли Меккристал, во блиска иднина она што се случува на социјалните медиуми ќе од биде од клучно значење за секоја дебата, битка или војна. Како што објасни тој, причината е што битките сега се водат за самата вистина. Според него, во овие борби, нема да биде јасна линијата меѓу реалноста и перцепцијата, а владите тешко ќе прават разлика меѓу фактот и фикцијата, што за јавноста ќе биде речиси невозможно.
Коментарите на Меккристал како да ги отсликуваат бесмислиците на озлогласениот теоретичар на заговори Алекс Џонс, чиј портал „Инфоворс“ го користи слоганот: „Се води војна за вашиот ум!“. Но тоа не значи дека не се веродостојни. Со нашето лично и политичко сфаќање на светот, кој сè почесто се филтрира преку изворите на Интернет, сликите и идеите што се споделуваат и се создаваат на социјалните медиуми, можеби се поважни од фактите. Како што вели Меккристал, формирањето на перцепцијата за тоа која страна е во право или која страна победува ќе биде многу поважно од самиот факт кој е во право и кој победува.

Всушност, пораките што се шират по социјалните медиуми денес не само што влијаат врз исходите на конфликтите, туку и на самите избори на лидерите за време на воените офанзиви. На пример, Русија ги претвори своите информациски операции во моќно и вешто оружје, чија цел ќе бидат американските гласачи или ќе одредува артилериски напади во Украина, користејќи го она што се случува во светот на Интернет за да ја утврди геолокацијата на војниците и да испратат предупредување за нивната можна смрт пред да биде отворен огнот. Социјалните медиуми дури и влијаат на целокупниот тек на настаните. Едно истражување од 2016 година на американскиот универзитетски професор Томас Цајтцоф за воздушната кампања на израелските одбранбени сили од 2012 година против Хамас во Појасот Газа откри дека конфликтот го следел темпото на Твитер, односно темпото на операциите и целите се менувало во зависност од тоа која страна доминирала тогаш во преписките на Интернет. Воените и цивилните лидери ги следеле новостите на социјалните медиуми и според тоа давале соодветен одговор.

Понекогаш, објавите на социјалните медиуми можат да предизвикаат нови жаришта, особено кога се темелат на долгогодишните тензии или омраза. Владата на Шри Ланка ги обвини виралните гласини на Фејсбук за поттикнување омраза, што доведе до брутални напади на муслиманското малцинство во државата во март годинава. Во јуни, лажни извештаи што беа споделени меѓу 200 милиони индиски корисници на „Ватсап“ поттикна низа на линчувања. Во меѓувреме, расистички пораки и гласини на Фејсбук го поттикнуваат актуелното етничко чистење на Рохинџите, муслиманското малцинство во Мијанмар.

Многубројните докази покажуваат дека ваквите поттикнувања на војни на Интернет не само што предизвикуваат борби и масовни убиства, туку и го отежнуваат решавањето на конфликтите. Криминолозите што го проучуваат подемот на убиства во градовите како што е Чикаго, истакнуваат дека поголем дел од насилството на бандите се должи на кавгите на социјалните мрежи. Понекогаш доволно е да се испрати навредлив емотикон, па дури и стара објава што повторно се актуализира во момент на ескалирани тензии. За разлика од интеракцијата на улица (или на дипломатите во стандардните преговори), не е важно дали првичната навреда се случила пред една година или на некоја далечна локација. Важно е дека светот гледа и дека Интернет никогаш не заборава. Лесно е да се види како слична динамика ќе ги следи идните преговори за прекин на огнот без разлика дали станува збор за крај на бунт или на голема меѓудржавна војна. Секогаш ќе има луѓе што нема да сакаат да му се стави крај на насилството. А на Интернет, тие никогаш нема да го изгубат гласот.
Колку и да изгледа застрашувачки, социјалните медиуми само што почнаа да влијаат на иднината на војувањето. Само половина од светот е на Интернет, а алатките на „војната со лајкови“ веќе имаат иста функција како авионите. Новата интелигенција на машините им отежнува на луѓето да направат разлика меѓу вистината и лагата и веројатно тоа ќе влијае на нашиот концепт за самата реалност. Лани станаа многу подостапни техниките што се потребни да се креираат „длабоки измами“, поточно хиперреалистични дигитални фалсификати направени од напредни нервни мрежи на вештачка интелигенција. Ваквата технологија, која во моментов најмногу ја користат најсовремените компјутерски научници и креативните порнографи, наскоро ќе го преплават Интернет со најпрецизни имитации на гласови, фотореалистични лажни снимки и огромни мрежи полни со „ботови“, кои тешко ќе се разликуваат од човечките профили. Како и во другите случаи, постојат огромни шанси длабоките измами да добијат оружје и во изборите и во борбите. На ова веќе бевме сведоци. Во обидот да го заземе Мосул, Исламската држава користеше комбинација од вистински и лажни вести за да ја натера ирачката армија да се повлече од градот. Дури и американските единици за информациска војна сега се обучуваат како да шират лажни дигитални пораки за да ги збунат своите непријатели. Можеби еден ден ќе се случи дигитален инцидент како оној во Тонкинскиот Залив, во кој причината за вистинската војна целосно ќе се базира на лаги на вештачката интелигенција.

Ваквите промени ги менуваат и брзината, искуството, па дури и опсегот на конфликтот. Во ерата на социјалните медиуми, секои избори, секој конфликт и секоја битка истовремено е светска и локална. Иако физичкото присуство на војната станува далечно за просечните западњаци со секоја нова генерација, сепак таа станува блиска и лична. Нашиот избор што да се „лајкува“ и што да се споделува не само што влијае врз изборните резултати и битките, туку и го обликува тоа што ќе биде реално за нашите пријатели, семејства и за поширокиот свет. Во моментов можеби не ве интересираат војните на лајкови, но иднината на војувањето и на политиката и тоа како е заинтересирана за вас и за вашите кликови.