Организаторите на францускиот тениски гранслем-турнир Ролан Гарос го зголемија наградниот фонд од 39 милиони евра лани, на 42,66 млн. евра, што е зголемување за осум проценти.

Шпанецот Рафаел Надал ќе се натпреварува за 12-от трофеј што би му донело заработка од 2,3 млн. евра колку што ќе заработи и Романката Симона Халеп, која лани ја освои првата гранслем-титула. Годинашните финалисти во двете конкуренции ќе добијат по 1,180 млн. евра, а полуфиналистите ќе си заминат дома со по 590.000 евра.

Тенисер(к)ите што ќе бидат елиминира во 1-то коло ќе добијат парични награди од по 46.000 евра што е за 6.000 евра повеќе од минатата година. Само на гренслем-турнирот во Њујорк се добиваат повеќе пари за елиминација во првата рунда.

Но иако има зголемување на паричните награди, Ролан Гарос и натаму заостанува зад преостанатите три гранслем-турнири. Турнирот во Њујорк и натаму најмногу плаќа, што се гледа од наградите за минатогодишните шампиони, Србинот Новак Ѓоковиќ и Јапонката Наоми Осака, кои добија по 3,4 милиони евра.

Годинашниот Ролан Гарос започнува в недела, 26 мај и ќе трае во 9 јуни.
Кај мажите, бранителот на трофејот, Надал е прв фаворит за нов триумф, пред Ѓоковиќ, а кај жените минатогодишната шампионка, Халеп. Како нејзини ривалки се споменуваат Кики Бертенс, Слоан Стивенс, Петра Квитова, Серена Вилијамс и Наоми Осака, која триумфира на последните два гранслем-турнира, во Мелбурн, во јануари годинава и во Њујорк, лани во септември. Доколку победи на Ролан Гарос, Осака, која се жали на повреда, ќе биде 11-та тенисерка што победувала на три гранслем-турнири во низа.


Кербер пред историски подвиг

Германката Анжелик Кербер (четврта на ВТА-листата) со евентуален триумф на гранслем-турнирот на Ролан Гарос ќе влезе во историјата на женскиот тенис.
Со победата на Ролан Гарос таа би ги комплетирала четирите гранслема, откако претходно ги освои Мелбурн и Њујорк во 2016-та и Вимблдон во 2018-та. На тој начин таа би била седмата тенисерка во историјата, во т.н Опен ера, победничка на четирите гранслем турнири, прва Германка по Штефи Граф во 1988-та, кога победи на сите во една календарска година!
Покрај Граф, победи на четирите најзначајните турнири имаат забележано Американките Били Џин Кинг, Крис Еверт, Мартина Навратилова и Серена Вилијамс, како и Марија Шарапова.
– Немам разговарано со Штефи, но ако имам шанса би сакала да зборувам со неа за тоа, зошто не?! Таа ги знае чувствата и ги знае притисоците под кои сте, и како да се постигне такво нешто. Секој турнир е поинакво искуство, имате две недели да поминете низ сите искушенија. Париз е голем предизвик и затоа се обидувам да не си создавам преголем притисок. Би било фантастично кариерата да ја завршам со гранслем, но засега не размислувам за тоа – вели Кербер.