Никола Ѓорѓиев

На Македонија ѝ е потребна победа на вечерашниот меч на гости против Швајцарија за зачувување на шансите за пласман на ЕП во одбојка 2019

Македонија вечерва ѝ гостува на Швајцарија (Шененверд, 17.30 часот) во можеби решавачкиот натпревар во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во одбојка во 2019 година, група Ф. Со нов пораз од Швајцарија, по оној во средата во Скопје, со 2-3, Македонија ќе се прости од надежите дека конечно, првпат, ќе се најде на финалниот турнир на едно ЕП, иако до крајот на квалификациската кампања ќе останат уште два меча, во јануари 2019-та.

На финалниот турнир на ЕП 2019, што ќе се одржи во четири земји, Франција, Белгија, Холандија и Словенија, пласман веќе имаат обезбедено 12 земји. Ним ќе им се придружат седумте првопласирани репрезентации од групите, како и петте второпласирани со најдобар скор против третата репрезентација, што уште повеќе ја компликува ситуацијата на Македонија, која по трите кола има два пораза, од Украина и од Швајцарија со по 2-3, и една победа, над Унгарија, 3-2.

– Боли поразот од Швајцарија во Скопје, многу нѐ оддалечи од втората позиција. Оттаму, вечерашниот реванш-меч ќе биде многу покомпликуван, ќе биде тешко, но ако победиме, повторно сме во игра за место што води на финалниот турнир. Притисок секако постои, за Македонија ова е многу битен меч, кој не смее да се загуби. Заморот постои, играме два меча за три дена, претходно и првите два меча ги игравме во пет сета, но јас верувам дека тоа нема негативно да се одрази на нашата игра. Швајцарија беше подобра од нас во повеќе сегменти на првиот меч, но не е непобедлива. Ние ќе треба помалку да грешиме, да ја подигнеме играта на повисоко ниво и да се обидеме да доминираме на сервисот. Верувам дека нема да одиграме полошо отколку на првиот меч – истакна селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев беше најдобриот играч и поентер на минатите три средби. Од неговата игра и ефект ќе зависи и исходот на вечерашниот натпревар.

– Јас постојано повторувам дека Македонија не треба и не смее да се смета за фаворит против ниту една репрезентација, тоа важи и за Швајцарија. Едноставно со игрите и реномето не сме заслужиле да се чувствуваме и да се сметаме дека сме подобри од кого било. Швајцарија е добра репрезентација, со неколку добри поединци, брзи се, борбени. Но нема повлекување, ќе се обидеме да победиме и да ги задржиме шансите за пласман на ЕП – вели Ѓорѓиев.

Во вториот меч од четвртото коло Унгарија ја пречекува Украина (18.30 часот).