Пливање во матни води

Со такво нешто работите веројатно би тргнале на подобро во македонското
пливање, наместо „водата постојано да се мати“ и да се продолжи во сличен стил како во минатите десетина години кога жиро-сметката на ПФМ постојано беше под блокада, а долговите достигнуваа десетици илјади долари

Не сакајќи, бидејќи во неговата тивка природа и карактер не е да се експонира во медиумите туку сака тоа да го прави во речните, езерските, морските, па и во океанските води, маратонецот Евгениј Поп Ацев сепак се најде во фокусот на вниманието на македонската спортска јавност. Но не поради добар резултат, прво или второ место, или нова титула, туку затоа што Македонската пливачка федерација (ПФМ) не го пријавила за настап на Европското првенство (ЕП) во пливање во Глазгов, иако го уверувала дека тоа е сторено, дека му барала сместување и слично. На крајот Поп Ацев и јавноста беа изманипулирани дека не му било дозволено да плива затоа што немал исполнето норма пропишана од Европската пливачка асоцијација (ЛЕН)! Поп Ацев тврди дека таа е исполнета уште во февруари годинава во Аргентина и оти таа била утврдена од ПФМ.

– Сон ми беше да пливам на ЕП, за тоа живеев, напорно тренирав, за да на крајот, не знам поради што, сето тоа падна во вода поради нечија немарност, суета, што и да е – се јадосуваше разочараниот Евгениј.
Зошто и како се случи тоа што се случи е простото прашање на кое нема едноставен одговор. Виновници има многу, на прво место ПФМ, која наместо да молчи и да ја признае грешката со соопштение објаснува дека уште во април испратила прелиминарна пријава. Но потоа во јуни и во јули престанала комуникацијата со ЛЕН поради судската разврска околу тоа кое е легитимно, а кое е нелегитимно раководство на ПФМ (ги има две!). По интензивната преписка со ЛЕН наводно им стигнало известување дека Поп Ацев „не ги исполнува условите да настапи на ЕП“.

Не било лошо АМС што поскоро да ги седне на заедничка маса двете спротивставени пливачки фракции, да ги смират страстите и суетите и да почнат да ги решаваат многубројните проблеми во овој спорт

ПФМ во соопштението до јавноста невкусно вели дека „не се јавашлак, желботека или евтина туристичка семејна агенција за бесплатни тури во светот“, и дека Евгениј Поп Ацев „ги имал сите удобности од ПФМ и МОК како врвен спортист, но во периодот од јануари до јули 2018 година резултатски комплетно потфрлил“. За нормата, исполнета или не, ништо. А за „бесплатните тури“ треба да се каже дека ПФМ во минатото многу ретко обезбедувала пари за трошоците на пливачите, маратонци и други, односно најчесто тие трошоци биле покривани од стипендиите на МОК и од АМС, па и од лични средства.

За конфузната ситуација во македонското пливање што кулминира со Поп Ацев секако удел има(ше) и подвоеноста, односно постоењeто две раководства на ПФМ. Со едното претседава Александар Маленко, кое е признаено од Светската и Европската пливачка асоцијација (ФИНА и ЛЕН) и има решение за дејност од Централниот регистар (ЦР) на Македонија. На чело на „другото“ раководство е Дарко Нашков. Најпрвин беше избран Маленко, по што ЦР го верифицира тоа, па многу брзо потоа го поништи, и пресуди во корист на фракцијата на Нашков. Набргу ЦР на Маленко и на „неговата“ федерација повторно им ги верификува функциите. ПФМ на Маленко си работи според предвидената програма за 2018-та, но без финансиска поддршка од АМС, но функционира и фракцијата на Нашков!

АМС се „произнесе за случајот Поп Ацев“, и изрази жалење што не била порано информирана за да „реагира писмено до надлежните меѓународни спортски институции и ги повикува сите инволвирани да се произнесат со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“. Не било лошо АМС што поскоро да ги седне на заедничка маса двете спротивставени пливачки фракции, да ги смират страстите и суетите и да почнат да ги решаваат многубројните проблеми во овој спорт.
Со такво нешто работите веројатно би тргнале на подобро во македонското пливање, наместо „водата постојано да се мати“ и да се продолжи во сличен стил како во минатите десетина години кога жиро-сметката на ПФМ постојано беше под блокада, а долговите достигнуваа десетици илјади долари. За тоа како (не)функционира ПФМ во која има три тела: одбор за пливање, одбор за ватерполо и одбор за далечинско пливање – маратон говорат и овие случувања. Во саботата во Охрид се одржа маратонска трка на 10 км што го организираше клубот за спортови на вода „Охридски бранови“ со поддршка на општината Охрид. Следната сабота, на 18 август, ПФМ планира организирање ист таков маратон, на 10 км! Неодамна на големиот празник, 2 Август, во ист ден, се организираа идентични два мали маратона (на 2,5 км), со истите организатори.

Пливачките клубови, ги има триесетина во Македонија, се поделија меѓу двете фракции, секој од свои побуди, интереси и за тоа никој не може да им замери. Но кога веќе се споменуваат клубовите треба да се каже дека тие работат во многу тешки услови и едвај врзуваат крај со крај. Инфраструктурата е никаква, затворените базени што работат во моментот можат да се избројат на прстите од една рака. Тоа се Олимпискиот базен во Скопје (50 метарски), во СЦ „Борис Трајковски (25 м) и во Куманово (25 м). Преку летото отворени базени што се во функција има во Битола, Штип, Охрид, Скопје, во населбата Аеродром, повремено во Велес и во Струмица, но тоа се базени градени многу одамна, во времето на Тито. Условите за работа во отворените базени се неадекватни, а водата најчесто е студена. Во затворените ситуацијата е подобра, но пливачите мора сами да си плаќаат за да тренираат.

АМС уште лани најави изградба на 14 затворени базени во училишта низ Македонија. Во Скопје, во општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Аеродром и Кисела Вода, во Штип, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Тетово и Гостивар. Базенот во Струга треба да биде реконструиран. Базените би требало да бидат со димензии 25 метри долги, девет метри широки и 1,4 до 1,8 метар длабоки, со што во секој случај би се подобрила ситуацијата и би се создале можности со еден од „најздравите“ и најбазични спортови, да се занимаваат што повеќе деца. А со дуализмот во ПФМ и со разјаснувањето за тоа кои се виновниците за „случајот Поп Ацев“, АМС треба да расчисти во најскоро време.