Хипотезата Геја, именувана по митолошката мајка Земја, е најрадикална идеја за функционирањето на планетата Земја, контра дејствувањето на причините на глобалното затоплување и фрлената ракавица за двобој против постапките на човештвото

Факт е дека природните катастрофи се тесно поврзани со глобалното затоплување и со климатските промени. Светските научни институции се согласуваат дека земјата станува сѐ потопла. Според податоците на Обединетите нации, има пораст од околу три четвртини Целзиусови степени во температурата на земјата во текот на минатиот век, а многу од ефектите на глобалното затоплување се одвивале во текот на изминатите неколку децении. Случувањата се очигледни, а и последиците од нив исто така. Но заспаната мајка полека се буди, со намера да ги дисциплинира своите непослушни деца.

Која е најголемата закана за човековата раса?

Во текот на последните децении видовме зголемување на интензитетот на природните катастрофи во светот. Во блиското минато имавме природни катастрофи како што се цунами во Југоисточна Азија и во Јапонија, ураганот Катарина, ураганот Бери, кои ја погодија американската сојузна држава Луизијана со силни дождови и ветришта, предизвикувајќи прогласување на вонредна состојба. Во февруари 2019 година, делови од јужна Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Косово беа зафатени од разурнувачки ветер што дуваше со брзина до сто километри на час, предизвикувајќи значителни материјални штети. Последни вакви примери се повеќедневните обилни дождови во државата Керала, на југот во Индија, кои предизвикаа поплави и свлечишта, како и прогласување вонредна состојба во седум општини во регионот Приморск, на рускиот Далечен Исток поради обилните дождови, а новинарот на „Нова Македонија“ Сашо Таневски забележа дека ниту Македонија не е надвор од овие процеси, бидејќи и земјава ќе ги почувствува последиците од глобалното затоплување.

Има ли спас за возот што тргна прудолу?

Џејмс Лавлок истакнува дека Геја – мајката Земја, е живо битие што се штити себеси од човештвото и се стреми да го врати балансот на нештата, бидејќи човечките суштества со своите постапки ги достигнаа крајните граници. Доколку ја разбираме планетата Земја како жив организам, тогаш глобалното затоплување е само одбранбен механизам. Зголемена телесна температура или фебрилност е одбранбена реакција на организмот на некоја инфекција или некое друго нарушување во организмот. Фебрилноста сама по себе не е болест туку симптом на некоја инфекција или болест. Таа помага организмот да се избори со инфекцијата.


Потребни се драстични промени

Лавлок предупредува дека можеби е веќе доцна за спас на човештвото, а доколку сакаме да го избегнеме изумирањето се потребни драстични промени кај луѓето. Тој истакнува дека глобалното затоплување е најсериозната закана за човештвото, меѓутоа постојат многу можни решенија за спас на планетата.

Решение бр. 1
Првото решение е повлекување на луѓето во мегаградовите. До 2050 година, стотина милиони луѓе ќе ги напуштат своите земји поради климатските промени. Лавлок верува дека не треба да се чека и оти сега треба да се напуштат земјите што не се погодни за живеење. Луѓето треба да заминат во мегаградовите ако сакаат да ја избегнат најлошата опасност од климатските промени, затоа што градовите се помали единици во кои полесно може да се контролира и да се регулира загадувањето на атмосферата и почвата.

Решение бр. 2
Второто решение се наоѓа во користењето на нуклеарната енергија. Човечките суштества треба да го променат размислувањето за начинот на кој го снабдуваат светот со енергија. Тие треба да се префрлат не само на обновливите извори на енергија, туку и на употребата на нуклеарната енергија. Ако сакаме да го избегнеме уништувањето на планетата предизвикано од нашиот начин на живеење, треба да ја користиме нуклеарната енергија како главен извор. И покрај нуклеарните катастрофи во Чернобил и Фукушима, нуклеарните централи се најбезбедниот начин за создавање енергија, во смисла дека нуклеарната енергија најмалку придонесува во загадувањето и планетарните промени.

Решение бр. 3
Третото решение лежи во геоинженерингот. Во 1991 година, вулканската ерупција на Филипините имаше глобално влијание врз Земјата, а гасот што беше создаден ја достигна стратосферата и ја олади планетата за 0,5 Целзиусови степени во текот на четири години. Лавлок истакнува дека може да се имитираат вулканите, да се зголеми сулфурот во стратосферата и на тој начин да се создаде бариера што ќе ги спречува сончевите зраци и преголемото затоплување на планетата.

Решение бр. 4
Лавлок последното решение го гледа во вештачката интелигенција. Тој смета дека човештвото се наоѓа на прагот на нова ера, во која доминантна форма на живот ќе биде вештачката интелигенција, а еволуцијата на интелигенцијата е клучна во Дарвиновиот процес. Лавлок верува дека киборзите ќе се ослободат од контролата на луѓето, ќе создадат многу поголема интелигенција од нашата и ќе бидат многу поспособни во справувањето со промените на глобалната клима. Исто така истакнува дека киборзите ќе имаат многу поголем успех во заштита на планетата, отколку луѓето бидејќи можат да размислуваат 10.000 пати побрзо.
Ако успеат да ја задржат температурата на безбедно и посакувано ниво, корист ќе имаат и тие и луѓето. Човечкиот род беше доминантен вид во текот на илјадници години, меѓутоа ако сака да преживее мора да се откаже од својата доминантна позиција и да ја отстапи на поинтелигентна форма на живот.


Кој е Џејмс Лавлок

Џејмс Лавлок својата кариера ја започна со експериментирање во криопрезервација, а неговите методи извршија влијание врз теоријата на креониката. Лавлок стана првиот научник што го забележа осиромашувањето на озонскиот слој и создавањето на озонските дупки во стратосферата. Додека работеше за НАСА ја разви хипотезата за Геја. Напиша неколку книги од областа на животната средина, а во почетокот на 21 век предложи метод за климатско инженерство. Според Лавлок, планетата Земја се однесува како живо битие. Живите организми имаат интеракција со неорганското опкружување на Земјата со што се оформува синергистички и саморегулативен комплексен систем, кој помага во одржувањето на условите за живот на планетата, исто така според оваа хипотеза биосферата и еволуцијата на организмите влијаат врз стабилноста на глобалната температура, соленоста на морската вода, нивото на атмосферскиот кислород и други варијабли на животната средина што влијаат врз погодноста за живот на Земјата. Лавлок со своите идеи изврши влијание врз разбирањата на екологистите за Земјата.
Лавлок смета дека глобалното затоплување е најсериозната закана за човештвото, а решението од оваа опасност го гледа во вештачката интелигенција и киборгот-организам, кому му се дадени надворешни компоненти за да се адаптира во новата околина, кои треба да ја преземат контролата, да ја оладат планетата и да му овозможат на човештвото да преживее.