Македонскиот поет Филип Димкоски е добитник на специјалната плакета „Симо Цуциќ“, која ја доделува Банатскиот културен центар од Ново Милошево, Република Србија. Наградата на Димкоски му се доделува за српското издание на неговата книга „Заедно да растеме“, во препев на српски од писателката м-р Снежана Алексиќ Станојловиќ.

Книгата „Заедно да растеме“ минатата година беше објавена на македонски, а годинава на српски јазик и многу добро е прифатена од страна на читателите и критиката во Македонија, Србија и во Хрватска. Минатата година ја доби и наградата „Книжевно перо“ од Хрватското книжевно друштво, а прогласена беше и за најдобра книга за деца во регионот.

– Заедно растевме и растеме со многу деца од Македонија и регионот и тие, како искрени и праведни читатели, ја засакаа и ја раскрилија оваа книга заедно со нивните наставници и родители. Песничките ги рецитираат и ги знаат наизуст. Благодарен сум им и на писателите и критичарите што препознаа квалитет во оваа книга, која високо ја вреднуваат и ја наградуваат. Плакетата „Симо Цуциќ“ за мене е значајна и чест ми е што доаѓа од навистина сериозна културна институција и еминентни автори и критичари. А кога дознав дека минативе години награди и плакети „Симо Цуциќ“ имаат добиено и Љубивое Ршумовиќ, Раша Попов и Радомир Андриќ, честа но и одговорноста се стократно поголеми – вели авторот Димкоски.

Рецензент на српското издание на книгата е еминентниот српски писател за деца Власта Цениќ, авторка на илустрациите е академската сликарка Александра Ацеска, уредничка на книгата е Сенка Влаховиќ, а издавач е Банатскиот културен центар.

Инаку, жирито за наградите и плакетите со името на „Симо Цуциќ“, во состав проф. д-р Тихомир Петровиќ, проф. д-р Предраг Јашовиќ и Радован Влаховиќ, одлучи плакети „Симо Цуциќ“ да добијат и Душан Радак, за мултимедијален придонес во творештвото за деца, и Јован Вељин Мокрински, за афирмација на книжевноста за деца во руралните средини. Награда за најдобра книга од областа на науката за книжевноста за деца доби проф. д-р Слаѓана Миленковиќ, а наградата за животно дело му се доделува на еден од најзначајните поети во Србија и пошироко, познатиот автор на „Мостарски дождови“, Перо Зубац.