На една од најславните руски слики „Цар Иван и неговиот син Иван“ на Илја Репин, прикажан е Иван Грозни како во рацете го држи синот на умирање. Синот, наводно, се збогувал со животот откако самиот Иван Грозни, кој со Русија владеел од 1533 до 1584 година, му нанел смртоносна рана. Поради тоа и го добил прекарот Грозни.
Сепак, не се согласуваат сите околу автентичноста на оваа приказна. Руските националисти во минатото барале од Третјаковската галерија да ја тргне сликата од поставката. Руските медиуми јавуваат дека неодамнешниот напад на сликата всушност имал врска токму со таквиот сентимент, пренесува британски „Гардијан“.
Триесет и седумгодишник од Воронеж, околу 460 километри оддалечен од Москва, под влијание на алкохол, успеал да се провлече покрај обезбедувањето на галеријата и со метална шипка да го скрши стаклото што ја штити сликата.
– Сликата сериозно е оштетена, платното е продупчено на три места на средината на делото на кое е прикажано царчето – наведуваат од галеријата. Рамката исто така е оштетена. Благодарение на „среќната“ случајност најважниот дел на сликата – приказот на дланките и лицето на царот и на неговиот син не се оштетени. Напаѓачот изјавил дека ја препознава сериозноста на своето злосторство.
– Дојдов да ја погледнам сликата, сакав да си одам, но потоа наминав до бифето и испив 100 грама вотка. Инаку не пијам вотка и нешто ме обзема – ѝ рекол на полицијата.
Ова не е првпат да се случи ваков инцидент. Сликата во 1913 година ја оштетил ментално болен човек, кој ја расекол со нож. Авторот Илја Репин тогаш сѐ уште бил жив, па тогаш можел сам да го реставрира делото.