„Пијано-маратон 2018“ одржаа неодамна ученици од класaта по пијано од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“. На двочасовниот маратон, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, настапија 39 учесници, кои се претставија со дела од руските композитори Чајковски, Рахмањинов, Глинка, Шостакович, Прокофјев и други, чии дела се бисери во класичната музика.

Публиката и учесниците имаа можност да уживаат во еден несекојдневен концертен проект, кој музичкото училиште го организира веќе втора година. И како што најави директорката Славица Конеска-Темелкоска, в година се планира да стане регионална манифестација.

– Идејата за еден настан од ваков вид дојде од потребата и желбата на учениците од Катедрата по пијано да ја почувствуваат сценската магија – вели професорката Христина Никоска.

За да не биде само ревијален настап, награди за нивните изведби добија
Ангела Качакова, Илина Наумоска, Емануел Асаноски, Елена Дамеска, Анастасија Петреска, Дафина Момироска, Филип Ѓоргиоски, Теона Ванеска и Арсениј Ангелески, а Михаил Јагуриноски се закити со наградата за најдобра изведба.