Првите сознанија за светот на книгите се најважни и препорачувам секоја издавачка куќа да ѝ посветува посебно внимание на детската литература, која заслужува да биде објавена и ставена во рацете на најмладите читатели, вели Паулус

Милица Паулус, писателка

Милица Паулус пишува поезија и проза за деца и возрасни, на македонски и на германски јазик. Досега има објавено повеќе од 30 книги и коавторка е на аналитичкиот труд „Визијата и љубовта на Крсте Петков Мисирков за македонскиот јазик и Македонија“, заедно со Вангелко Лозановски.
Во улога на уредник досега се појавува на 15 антологии поезија и проза, во кои има и нејзина творби.
Родена е во Кавадарци, а живее и работи во Минхен, Германија. Врската со родниот крај постојано ја одржува со своите многубројни пријатели и љубители на поетскиот збор.

– Последните седум години интензивно работам на афирмација на македонскиот јазик во мојата Македонија, но и надвор од неа. Всушност се обидувам да ги сплотам љубителите на пишаниот збор во нашата земја и во европската дијаспора. Уште во 2014 година ја формирав поетската група на социјалната мрежа Фејсбук, под името „Поезија за душа“, која за една година достигна 5.000 члена, како и групата за проза под името „Најубава проза“. Потоа следуваше формирање на уште три групи за обединување на интернационално ниво на сите што пишуваат на македонски јазик, сакаат своето творештво да го споделат со другите и да дискутираат за сопственото и творештвото на другите. Преку големиот број литературни настани што ги организирам кога сум во Македонија, се обидувам да ги мотивирам да пишуваат и да издаваат свои дела и заеднички со други автори. Со задоволство можам да констатирам дека, за разлика од пред седум години, сега многу поинтензивно се работи и пишува, секојдневно се појавуваат нови автори, се оформуваат литературни клубови што зачекорија по мојот пат и почнаа да организираат литературни средби и манифестации – вели Милица Паулус.

Од нејзините последни ангажирања го издвојува учеството на големиот саем на книгата во Франкфурт, каде што беше поканета да презентира своја поезија од три издавачки куќи. Верува дека енергија секојдневно црпи од нејзината преголема љубов кон мајчиниот јазик.

– Сите мои ангажирања да поттикнувам на пишување и читање се за да се зачува и живее нашиот јазик денес и утре. Сметам дека ако нема јазик – нема држава, а јазикот е нашето најголемо и највредно богатство. Поттикнувањето на младите да пишуваат е за да се разбуди нивниот интерес за мајчиниот јазик, бидејќи неговата иднина е во рацете на нашите деца, се разбира надградена на темелите и вредностите на нашите предци. Во оваа насока секоја година во повеќе градови во Македонија организирам четири традиционални манифестации за деца, под заедничкото име „Млади творци“, за пишување поезија и проза за деца и поезија и проза за младинци – објаснува Паулус
Пишувањето за деца, за неа е голема одговорност.

– За мене, пишувањето за деца е голем предизвик, но уште поголема одговорност. Мислам дека кај нас, за жал, нема доволно литература за деца, особено за предучилишна возраст, иако состојбата е многу подобра во споредба со онаа од пред десетина години. Лично сметам дека особено поетските творби за најмладите треба да имаат леснотија, да се кратки, разиграни со рима и ритам, да бидат поучни и разбирливи со едноставен вокабулар за да се паметат лесно. Истото тоа се однесува и на расказите, кои не треба да се долги, но задолжително треба да бидат разбирливи и поучни, темите, стилот на пишување и јазикот да бидат наменети за децата. Првите сознанија за светот на книгите се најважни и препорачувам секоја издавачка куќа да ѝ посветува посебно внимание на детска литература, која заслужува да биде објавена и ставена во рацете на најмладите читатели – посочува Милица Паулус.

Најпознати поетски книги на Милица Паулус на македонски јазик се стихозбирките „Парче љубов“, „Душата зборува“ и „Животот е поезија“. Од литературата за деца најголем успех постигнаа сказната за деца „Солзата на кралската ќерка“ и книгата раскази „Глувчицата Роксана“, која сега е преведена на македонски јазик од страна на Стефанија Темелкова-Миладиновска и ѝ претстои публикација. За Милица особено значење има и нејзиниот роман за млади „Страшниот замок Самира“. Во моментот работи истовремено на две свои нови книги. Добитничка е на неколку меѓународни награди. За поетската книга „Животот е поезија“ ја доби наградата „Поетска гравитација“, која ја доделува здружението за наука и култура „Нова“.


Кукличка

Кукличката Ленче
има шарено венче,
црвено фустанче
и убаво ѓерданче.
Весела е Ленче
пее и се смее
има руса коса,
а на нозете е боса.
Мама ја гали и фали
јас сум тажна,
а таа се прави важна.
Ленче, Ленче
изгледа ти не знаеш
која е Менче.
Ленче се исплаши
и избега надвор,
а јас ја фатив
и дома ја вратив.
Ја легнав да спие
за да не ми се скрие.
Добра ноќ Ленче,
многу те сака
дада ти Менче.