Фото: Дарко Андоновски

Тој потекнува од школата на битолски Пелистер, а во Металург играше и во сезоната 2013/2014, кога клубот вторпат стигна до четврт-финалето на Лигата на шампионите

Левиот ракометен бек Дејан Пецаковски (33) во новата сезона одново ќе го облече сино-белиот дрес и ќе ги брани боите на Металург, информираа од клубот. Тој потекнува од школата на битолски Пелистер, а во Металург играше и во сезоната 2013/2014, кога Металург вторпат стигна до четврт-финалето на Лигата на шампионите.

Во Металург Пецаковски доаѓа од битолски Еурофарм Работник каде што играше две и пол сезони. Тој е седмото засилување на Металург за новата сезона. Претходно редовите на освојувачот на Купот на Македонија ги засилија младиот црногорски пикер Лука Вујовиќ (19 г., 193 см, 92 кг), кој во Автокоманда дојде од црногорскиот првак Ловќен, потоа левото крило Милан Поповиќ (29 г.,186 см, 82 кг), кој во Металург пристигна по едногодишниот престој во Пелистер, искусното десно крило Равез Чантурија (37), кој минатата сезона ги бранеше боите на Пелистер и на Струга, а своевремено шест сезони (од 2004 до 2010 година) беше дел од тимот од Автокоманда. Следуваа ангажманите на хрватскиот лев бек Маријан Мариќ (23 години, 193 см), кој во Металург пристигна од Зрињски (БиХ), чуварот на мрежата Даниел Ѓоргески (25 г.,191 см), кој минатата сезона беше дел од Пелистер и грузискиот централен бек Иракли Кбилашвили (20 години, 190 см), кoj во Металург доаѓа од украинскиот тим Одеса. Во новата сезона, Металург на клупата ќе има ново тренерско име, Србинот Дамир Стојановиќ.

Подготовките за новата сезона Металург ќе ги почне на 29 јули во чии рамки ќе одработи висински подготовки на Копаоник (Србија) и ќе одигра два пријателски турнири, првиот во Русија, кај Чеховски медведи (15-19 август) и потоа во Србија, во Кањижа (22-25 август).

Новата сезона за металурзите официјално ќе почне во почетокот на септември, со меч од Суперкупот на Македонија во кој противник ќе им биде градскиот ривал Вардар, а почетокот на натпреварите од Суперлигата е предвиден за 7 или за 8 септември. 


ЗАСИЛУВАЊА НА МЕТАЛУРГ ЗА НОВАТА СЕЗОНА
Даниел Ѓоргески голман
Милан Поповиќ лево крило
Равез Чантурија десно крило
Иракли Кбилашвили централен бек
Маријан Мариќ лев бек
Дејан Пецаковски лев бек
Лука Вујовиќ пикер