Фото: Дарко Андоновски
Вардар со барем еден бод викендов од мечот дома со Висла ќе се пласира во четврт-финалето, а таму би играл со победникот од осминафиналето на Сегед со четвртиот тим од групата Б (Кил, Киелце, Веспрем или Фленсбург)

Ракометарите и ракометарките на Вардар со нови победи и бодови во следното коло ќе ги освојат првите места во своите групи во Лигата на шампионите (ЛШ), со тоа што машкиот состав ќе се пласира директно во четврт-финалето, каде што сигурно ќе игра женскиот состав, но ќе обезбеди полесен противник на патот кон фајналфорот.
На актуелниот европски првак Вардар, кој завчера го забележа вториот пораз годинава во ЛШ (26-27), од Нант, му е доволен и еден бод од дуелот в недела во Скопје со Висла. Теоретски ако Вардар, Барселона и Нант може да имаат ист број бодови, но прв ќе биде Вардар бидејќи има најдобар меѓусебен скор. На вардарки, пак, за првото место им треба уште една победа во последните две кола (со германски Битингхајм дома, па на гости кај Будуќност).

Од групата на Вардар, во осминафиналето Сегед ќе игра со четвртопласираниот од групата 2, а на таа позиција сега е Кил, а теоретски можат да биде и Киелце, но и Веспрем и Фленсбург. Ако Вардар биде прв во групата, еден од тие три тима ќе биде ривал на Вардар во четврт-финалето.

Вардарки, пак, кои го впишаа првиот пораз сезонава, од Мец (22-24) ако бидат први во групата во четврт-финалето би играле со четвртиот тим од групата 1 – Никобинг (Данска), Крим (Словенија) или Митјиланд (Данска).

Вардарци и понатаму ја имаат најдобрата одбрана во двете групи (310 гола) и гол-разлика (плус 49), а и вардарки се први во двете категории 241 и плус 43). Г.И.


Монпелје се доближи до осминафиналето

Во плејофот за влез во осминафиналето во машката ракометна Лига на шампионите (најдобрите од групите Ц и Д), француски Монпелје по победата на гости кај шпански Адемар Леон (28-24) е на чекор до осминафиналето, а таму би играл со второпласираниот од групата А (Вардар, Нант или Барселона). Во вториот плејоф-дуел Мотор дома го победи Скјерн со 30-28. Победникот од овој дуел, пак, во осминафиналето би играл со вториот од групата Б (Веспрем, Фленсбург или Кил). Реваншите во плејофот се предвидени за викендов. Г.И.