Најголема жртва би можела да биде самата демократија, а најголеми губитници ќе бидат околу четири милијарди лица што живеат во нејзината несовршена прегратка. И додека Лондон и Вашингтон се згрчуваат, Кина ги проголтува културите на начин што би требало сите да нѐ алармира

Ник Робертсон

Актуелните и поранешните светски суперсили во наредните месеци ќе си нанесат голема штета. Најголема жртва би можела да биде самата демократија, а најголеми губитници ќе бидат околу четири милијарди лица што живеат во нејзината несовршена прегратка. И додека Лондон и Вашингтон се згрчуваат, Кина ги проголтува културите на начин што би требало сите да нѐ алармира. Кинеската идна глобална доминација беше претставена на конференцијата за иницијативата „Еден појас, еден пат“, на која странските лидери пристигнаа за да склучат профитабилни проекти. Иницијативата е главна политика на кинескиот претседател Си Џинпинг, додека се обидува да го донесе светот во економската прегратка на Пекинг, масовно градејќи инфраструктура за подобрување на транспортот, врските и зависноста од Кина низ светот. Ветувањето за зголемена трговија со економијата што наскоро ќе биде најголема во светот е премногу искушувачко за да се игнорира. Си го прави тоа што го прават сите империи во подем – заплеткувајќи го светот во мрежа на зависност и бавно создавајќи доминација во дворот на другите сили.

Неговите амбиции покажуваат дека Пекинг изгледа совршено темпиран да ги искористи самонанесените политички кризи во САД и Британија. Во САД, претседателската кампања, во која претседателот Доналд Трамп ќе се бори против толпа непријатели од Демократската партија, ќе се разгори во претстојните недели, особено откако големиот ривал Џо Бајден и официјално ја соопшти својата кандидатура. Во меѓувреме, Британија ќе продолжи со јавното уривање на повеќевековниот демократски процес преку спроведувањето многу болно излегување од Европската Унија. Да биде уште поинтересно, наредниот краен рок за брегзит се паѓа на Ноќта на вештерките.

Овие две земји сѐ уште може да ја сменат својата насока и да покажат дека актуелните политички поделби се само дел од сѐ поголемите болки на демократијата. Но слепата верба во демократскиот систем, на која се навикнавме, нѐ судира со реалноста за тоа како Кина, наредната светска суперсила, станува сѐ посилна преку несреќите на демократијата. Лекцијата тука е дека вашите газди во новиот светски поредок воопшто нема да се грижат за вашите демократски вредности или за правата и желбите на вашите внуци. Кина создава општество без јавна дебата, во кое неизбраните функционери користат вештачка интелигенција за да контролираат сѐ, почнувајќи од унапредувањето на работното место, патувањата, домувањето, па и социјалните услуги. Таа го држи своето население во цврста прегратка, која не би ја издржал никој што живее во демократија. И покрај тоа, нашето претежно толерантно општество, изградено врз доверба во нашите лидери, изгледа дека е фокусирано на ситни лични напади, кои ризикуваат да ја уништат највредната карактеристика на секоја демократија – довербата.

Лагата ќе пропатува низ половина свет, додека вистината се разбуди. Личните навреди на Трамп двојно се забрзаа и засилија, често нокаутирајќи противниците уште пред да се подготват за борба. Кој, освен Трамп, би можел навистина да тврди дека сенаторот Џон Мекејн не е воен херој?

Си и неговиот автократски руски сојузник, Владимир Путин, мора да се радуваат на овој изборен циклус во САД и на нападите на Трамп. Првичниот напад на Трамп е да ги етикетира демократите како „социјалисти“, надевајќи се дека републиканците може да се оттргнат од демократските корења и да работат по негова команда.

Претседателот ги дефинира своите противници уште пред некој воопшто да се појави од насобраната толпа на демократски предизвикувачи. Наредната година ќе биде многу грда за многумина во центарот на претстојната политичка бура. Но нејзините ефекти врз глобалното влијание на демократијата може да бидат уште поштетни.

Гласачкото тело во Британија и САД ќе биде огорчено, поделено и значително потиснато од она што стана социјален и политички дискурс во нивните земји, додека лидерите и гласачите во новите демократии ќе ги преиспитуваат своите одлики. Во Британија, брегзит веќе ги турка гласачите кон екстремите. Некои чувствуваат дека политичарите не ја испочитуваа волјата на народот, други се гневни дека и три години по референдумот никој не ги застапува нивните вредности и гледишта. Брегзит ја пренасочува Конзервативната партија кон десницата. Тврдокорните приврзаници на брегзит победуваат во внатрепартиските караници, иако не можат да го сторат тоа со генералната јавност. Во меѓувреме, опозициската Лабуристичка партија сѐ повеќе се наклонува кон мек брегзит и, по можност, втор референдум. Лабуристичкиот лидер Џереми Корбин ги постави работните места во центарот на својата порака за брегзит. Па, така, Корбин скршнува кон лево, додека, пак, конзервативците итаат кон десно. Конечниот резултат? Британската политика е притисната кон екстремите, оставајќи во средината голем празен простор каде што порано стоеја луѓе како бившите премиери Тони Блер (лабурист) и Џон Мејџор (конзервативец). Ерозијата на средината и губењето на довербата не се ништо ново. Но оваа година можеби се приближува до точка на вриење.

И не станува збор само за САД и Британија. Во Франција демонстрантите од „жолтите елеци“ ги тестираат политичките способности на претседателот Емануел Макрон. Италија, како и многу други европски земји, е погодена од национализмот. На Европа воопшто не ѝ е лесно. Новите членки на ЕУ, како сѐ поавтократската Унгарија, ги предизвикуваат социјалните инстинкти на блокот. Тие како да бараат друга верзија на демократијата, верзија што реално набрзина може да стане демократска.

Треба да се земе предвид дека додека се соочуваме со најголемиот предизвик за демократијата, треба да демонстрираме дека таа не е само привремен експеримент туку ценет, иако несовршен, животен избор на повеќе од половината жители на Земјата.


Неодоливата привлечност на иницијативата „Еден појас, еден пат“

Лидерите од целиот свет присуствуваа на вториот форум „Еден појас, еден пат“ во Пекинг, привлечени од можноста за милијарди долари кинеска помош за инфраструктурни проекти. Од почетокот на иницијативата, која е главна политика на кинескиот претседател Си Џинпинг, проектот – кој ветува изградба на пристаништа, патишта и железници – досега привлече 150 земји. Во првата половина на 2019 година, заемите на кинеската влада во странство што се дел од проектот веќе надминаа 90 милијарди долари. Но токму големите заеми се најдоа на удар на критичарите, кои тврдат дека Пекинг ги држи како заложници задолжените сиромашни земји, за да оствари дипломатска или економска предност
Вкупно околу 5.000 учесници од над 150 држави пристигнаа во Пекинг за тридневниот самит. Но имаше и отсуства на важни лидери, вклучувајќи ги лидерите на клучните кинески дипломатски партнери, како Шри Ланка и Турција, како и лидерот на САД – најголемиот трговски партнер на Кина.
Мислењата се поделени околу вистинските намери на Пекинг. Од една страна, критичарите тврдат дека Кина наметнува високи нивоа на долг на државите во азиско-пацифичкиот регион, за да се стекне со стратегиски имоти или политичко влијание врз задолжените земји. Од друга страна, нема сомнение дека кинеската влада планира да направи измени на планот за „Еден појас, еден пат“, поради меѓународниот отпор и критики.